Полицијата 24 часа ја обезбедува тетовската болница

Тетовска болница. / Фото: МИА

Осомничени сè уште нема, но полицијата неофицијално, според сознанија на „Слободен печат“, се сомнева дека цевките ги оштетиле крадци на бакар.

Полицијата работи на расветлување на скандалот во тетовската болница, кога завчера, рано изутрината во 3 часот по полноќ, непознати сторители оштетиле цевки за довод на кислород, кои за среќа биле приклучени на објект што не бил во функција и само на тој начин била избегната катастрофа, односно можноста 125 ковид-пациенти да останат без кислород.

Осомничени сè уште нема, но полицијата неофицијално, според сознанија на „Слободен печат“, се сомнева дека цевките ги оштетиле крадци на бакар. Официјално, пак, ни рекоа дека се работи интензивно на разговори со вработените во болницата. Видеокамери немало во кругот на целата болница, па истрагата не може да се потпре на нив.

– Колегите интензивно работат и се разговара со вработени и со други лица, по што ќе излеземе со повеќе информации, велат од СВР-Тетово.

Раководителот на ковид-одделението во тетовската болница доктор Гзим Нуредини вели дека е избегната катастрофа што несомнено би се случила доколку 125 пациенти одеднаш би останале без кислород, кој им е неопходен за да преживеат.

– Се потрудиле да оштетат цевка за снабдување со кислород на новите апарати за кислород. Нападот беше во утринските часови, околу три часот по полноќ. Не знаеме кој бил напаѓачот, но утрото видовме дека некое непознато лице удрило во цевките и ги оштетило, но за среќа не се работи за цевки што водат кај 120 хоспитализирани, туку во ургентниот центар каде што имаме пациенти со инфаркти. За среќа, тие немале потреба од кислород – изјави д-р Нуредини.

Тој не сака ниту да помисли што би се случило доколку станувало збор за цевките за кислород што водат до ковид-одделението.

– Да беше оштетена другата цевка што го носи кислородот до ковид-пациентите, ќе беше катастрофа. Каде ќе ги транспортиравме за 10 минути пациентите и како ќе најдевме кислород за 10 минути колку што имаме по ваква катастрофа? Замислете што би било со тие 120 пациенти. Тоа ќе беше хаварија – изјави доктор Нуредини за „Слободен печат“.

Тој додаде дека обезбедувањето во болницата по инцидентот е издигнато на највисоко ниво и има 24-часовно полициско обезбедување како и приватно обезбедување.

– Истражните органи направија увид. Немаме проблеми, го обезбедивме местото со полиција. До пред две години немавме централен довод на кислород, го направивме сега и планираме како да го обезбедиме, да не може никој да влезе и да го оштети – додаде раководителот на ковид-одделението во тетовската болница.

Директорот на тетовската болница Флорим Бесими е фрапиран од инцидентот.

– Чекаме надлежните да го расчистат случајот. Сега сме посветени на пациентите – ни изјави кратко д-р Бесими.

Овој инцидент во тетовската болница доаѓа во време кога напливот на пациенти што бараат хоспитализација е голем. За само една ноќ во болницата починале 10 пациенти, од кои најмладата е триесет и шестгодишна жена. Сите починати биле невакцинирани и сите имале придружни болести односно коморбидитети. Бројот на амбулантски прегледи драстично расте во овој ковид-центар каде што за преглед се јавиле околу 250 пациенти. Хоспитализирани се 120 заболени и повеќето се на кислородна поддршка.

– Нема подобрување на состојбата со вирусот, многу пациенти бараат прием и преглед. Имаме 120 хоспитализирани, од нив со прва доза се вакцинирани девет, а со втора три пациенти. Починати во изминатото деноноќие, за жал, имавме многу, десетмина пациенти, и сите беа невакцинирани и со придружни болести. Почина жена што беше донесена во многу тешка состојба при прием, почина во текот на приемот. Тоа беше многу млада жена, под 40 години – вели доктор Нуредини.

Состојбата не е подобра ни во Скопје. Капацитетот на Инфективната клиника е пополнет и хоспитализирани се 159 пациенти, вклучително и тие кои се наоѓаат во модуларната болница. Повеќе од 11 илјади граѓани се активни случаи на ковид-19, а најмногу заразени има во Скопје, Тетово и во Гостивар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот