Полиција ја следи истрагата со забавите на Даунинг стрит, Џонсон тврди дека не прекршил закон
Британскиот премиер Борис Џонсон не мисли дека го прекршил законот, но смета и дека е во ред полицијата да ги испита наводите за низа настани во неговата резиденција на Даунинг стрит, изјави денеска неговиот портпарол, пишува Би-Би-Си.
„Премиерот верува дека е сосема во ред полицијата да ги испита наводите“, рече портпаролот, додавајќи дека сите целосно ќе соработуваат во истрагата објавена претходно денеска, пренесува Ројтерс.
Запрашан дали Џонсон мисли дека го прекршил законот, неговиот портпарол рече: „Фер е да се каже дека не мисли така“.
Роденденската забава од сопругата може да биде „нокаутот“ за Џонсон
Полицијата ги истражува наводите
Британската полиција претходно денеска соопшти дека ги истражува наводите за серија настани одржани во канцелариите на премиерот Борис Џонсон во Даунинг стрит за време на заклучувањето, откако доби докази од внатрешната владина истрага за серија собири.
Новите наводи се појавија синоќа кога ИТВ Њуз објави дека премиерот Џонсон организирал забава за време на првото заклучување воведено поради ковид-19 во јуни 2020 година, кога беа забранети сите социјални собири во затворени простории.
„Можам да потврдам дека полицијата сега ги истражува настаните што се случија во Даунинг Стрит и Вајтхол во последните две години, во врска со потенцијални прекршувања на прописите“, рече шефицата на Метрополитенската полиција, Кресида Дик.
Кабинетот на Џонсон оспори дека била организирана забава и изјави дека група вработени кои биле во резиденцијата на премиерот тој ден накратко се собрале во кабинетот по состанокот за да му го честитаат роденденот на премиерот, „кој траеше помалку од 10 минути”.