Полиција го штити од крвна одмазда семејството на масовниот убиец Бориловиќ

ФОТО: Twiter, Nova.rs.

Семејството на Вук Бориловиќ, кој во петокот уби десетмина свои соседи во Цетиње и рани уште 12, е под заштита од црногорската полиција за да се намали ризикот од крвна одмазда.

Срѓан Кораќ, началник на полициското одделение за сузбивање крвни деликти изјави дека ќе бидат преземени сите мерки за безбедност на семејството, за кое истакна дека „не може да биде одговорно за извршеното злосторство“.

– Очекувам ова да го разберат сите граѓани на Цетиње и семејствата на загинатите. Сите ја разбираме нивната тага и болка, но мораме да бидеме разумни и свесни дека тие не се одговорни за злосторството. Семејството е на безбедно и надлежните власти немаат информации што би укажувале дека ќе има крвна одмазда – изјави Кораќ.

Тој додаде дека Ненад Калуѓеровиќ, мажот што го застрелал убиецот, бил сослушан како сведок на злосторството, а не поради обвинение. Тој на полицијата ѝ го предал пиштолот од кој пукал во Бориловиќ, но истрагата се уште не утврдила дали неговите куршуми го погодиле убиецот и дали биле смртоносни. При обдукцијата било утврдено дека Бориловиќ имал пет прострелни рани.

Цетиње вчера беше завиено во црнина, еден ден откако беа погребени десетте жртви на крвавиот поход на Бориловиќ. Најмладата жртва било дете на 8 години, кое било погребано заедно со 11-годишното братче и нивната 35-годишна мајка Наташа Мартиновиќ. Другарите за простување им донеле фудбалска топка. На гробиштата Бајице не било дозволено заедно со жртвите да биде закопан и нивниот убиец.

На други гробишта биле погребани уште три члена на исто семејство – 56-годишниот сосед Рајко Дрецун и неговите родители Даница и Димитрие. На градските гробишта заедно биле погребани и сестрите Александра и Мила Радуновиќ.

На третиот ден од националната жалост, целиот град бил во молк и тага.

– Цетиње венее – им рекол на репортерите на „Вијести“ повозрасен маж.

ВИДЕО: Човекот кој ги загуби своите сестри во масакрот во Цетиње бара да се ослободи убиецот на Вук

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот