Полицајци од Прилеп бараат извинување од Ковачки и најавија тужба: Тоа се клевети за настани кои никогаш не се случиле

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ/ Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Припадници на полицијата од Прилеп најавија тужба за клевета против Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој со денови на прес конференции објавува фотографии од вибер конверзации и ги обвинува со име и презиме, нарекувајќи го „злосторничка група на Заев и Спасовски“.

Споменатите полицајци бараат од ОЈО да превземе мерки по службена должност за кривично дело неовластено објавување на лични податоци со име презиме и функција и бараат веднаш да се преземат мерки, а тие се подготвени и да дадат изјави како и и мобилни телефони за вештачење.

-Станува збор за клевети за настани кои никогаш не се случиле. Ковачки да се извини, а доколку не го стори тоа ќе му поднесеме кривична пријава, нагласуваат во писменото соопштение полицајците чии имиња ги споменува Ковачки дека го попречувале изборниот процес во Прилеп на 17. октомври иако МВР уште вчера демантираше дека на денот на изборите во овој град немало испратени возила на технички преглед и нема поплаки од граѓани за попречување на слободата на движење и гласање, така што сите дејствија кои ги споменува Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ не се случиле и претставуваат „обид да се манипулира јавноста зошто вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, соопшти уште вчера МВР.

Од друга страна, „Слободен печат“ дознава дека против тројца полицајци од ОВР Прилеп е покрената дисциплинска постапка од страна на Внатрешната контрола во МВР откако на 21.09.2021 година, во работно време се забележани на партиска трибина како агитираат за кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за Долнени Ладо Глигоровски. Станува збор за полицајците Т.Г., поранешен началник на ОВР Прилеп во време на техничката влада кога министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев, како и полициските службеници З.В. и Г.Т. Настанот е пријавен и докажан.

Според нашите сознанија Т.Г. на денот на изборите, 17 октомври исто така е пријавен од страна на граѓани во Полициската станица во Прилеп дека агитирал на гласачко место за да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и вршел влијание врз гласачите додека бил распореден како обезбедување на гласачкото место.

Во полициската станица во Прилеп на денот на изборите не се поднесени други прекршочни пријави, ниту е испратено возило на технички преглед, ниту има поплаки од граѓаните за попречување на слободата на движење и попречување на гласањето – она што Ковачки со денови го тврди дека го договарале тој ден припадници на полицијата преку вибер групи.

„Лажните тврдења изнесени од Ваша страна, се на штета на угледот и честа како на прозваните лица така и на кредибилитетот и угледот на полицијата, како и на сите полициски службеници вработени во МВР“, нагласуваат во соопштение до јавноста полицајците кои ги прозива Ковачки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот