Полицаецот кој упадна во американскиот Конгрес купил 37 пиштоли
Полицаецот од Вирџинија, Томас Робертсон, кој беше отпуштен откако упадна во Капитол за време на немирите на 6 јануари, со одлука на федерален судија, ќе остане во притвор до судење, затоа што купил 37 пиштоли и голема количина муниција, а на интернет давал поддршка за политичкото насилство.
Робертсон, поранешен воен резервист и полицаец е еден од првите демонстранти обвинети од американското Министерство за правда. Тој беше уапсен по немирите па ослободен, за повторно да биде приведен минатиот месец откако во неговиот дом беше пронајдена пушка и материјали за правење бомби, а неодамна се дозна дека преку интернет купил 37 пиштоли.
Со судска одлука Робертсон останува во притвор до судењето, што би можел да трае со месеци, а, според дел од американските медиуми, можеби до 2022 година.
Робертсон е во самица поради негова безбедност, бидејќи е поранешен полицаец.