Полесно е да се докажат злосторствата на Путин отколку на Милошевиќ

Џофри Најс, поранешен обвинител на Хашкиот трибунал за воените злосторства на просторите на поранешна Југославија

Поранешниот обвинител на Хашкиот трибунал за воени злосторства на просториите на поранешна Југославија смета дека нападот на Русија врз Украина бил незаконски и злосторнички.

Нападот на Русија врз Украина уште од почетокот бил незаконски и злосторнички, поради што многу полесно може да се докаже вината на рускиот претседател Владимир Путин отколку на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, тврди Џофри Најс, поранешен обвинител на Хашкиот трибунал за воените злосторства на просторите на поранешна Југославија.

– За да се утврди тоа воопшто не е потребен процес пред суд за воени злосторства, до кој можеби никогаш нема ни да се стигне, бидејќи сите што се соочени со обвиненија ќе бидат во Русија под заштита на тамошните власти – вели обвинителот што пред Хашкиот трибунал го водеше процесот против Милошевиќ.

Поранешниот српски претседател не го дочека крајот на процесот ниту, пак, беше докажана неговата вина, бидејќи почина во ќелија во притворот во Схевенинген. Најс учествуваше и во процесиурање на злосторства против етничките Ујгури во Кина.

Најс смета дека покренувањето обвинение за воени злосторства, па и за геноцид, против руските сили и против претседателот Путин како нивен врховен командант би било „обемен“ потфат, но не мора да биде и „претерано тежок“.

– Важно е Украина да разбере дека отворањето обвинение и евентуалниот судски процес не мора да трае со години. Процесите пред Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија траеја долго и поради тоа што тоа беше експериментален суд. Во случајот на Украина нема никакви причини процесот да трае толку долго – вели Најс.

Британскиот обвинител објаснува дека обвинението се подготвува и со собирање докази со сведоштва, но и со снимки од камери и мобилни телефони „бидејќи веќе секој ги користи“.

– Не треба да се придржува до апсурдното правило секој сведок да мора да се појави на судот за да даде изјава што би можела да биде оспорена од одбраната. На пример, мајките што со свои очи виделе како руски војници ги убиле нивните синови немаат причина да лажат – смета Најс.

Во врска со потврдување на раководната одговорност, би требало да се примени „логиката на здравиот разум“.

– Војниците во суштина го прават тоа што ќе им го наредат командирите на теренот, а тие, пак, го прават тоа што ќе им го наложи повисоката команда. На крајот доаѓаме до Путин. Во основа, војниците на теренот го прават она што го сака Путин, без оглед дали тоа им го наредил лично. Имаше безброј слики на уништени згради во кои живеат цивили, мртви тела на улиците… Путин можеше да тврди дека тоа е дело на одметнати групи, кои не ги следат неговите инструкции. Во таков случај, тој би требало веднаш да ги повика тие групи за да им се суди во Русија. Дали го стори тоа? Не. Зошто? Зашто тие единици го прават она што го сака Путин – смета британскиот обвинител.

Затоа тој тврди дека лесно може да се извлечат заклучоци за намерите на Путин и на другите одговорни во врховната команда, во ситуација кога е невозможно да се добијат „лесните докази“ – документите, особено воените планови, на владата, војската и службите за безбедност.

Случајот Милошевиќ

Најс раскажува дека и за време на судењето на Милошевиќ тешко можело да се пронајдат докази дека давал директни наредби за одредени воени операции што резултирале со воени злосторства.

– Милошевиќ е посебен случај. Србија технички не беше вмешана во војната во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Затоа беше тешко да се докаже вмешаност на соседна земја. Но, беше докажано. На крајот на судот му беа претставени многу документи, вклучувајќи стенограми и снимки од седниците на Врховниот воен совет на Сојузна Република Југославија, кои прецизно ја докажаа вмешаноста на Милошевиќ во сите клучни настани за време на војната. А, тоа беше потешко да се докаже, бидејќи Милошевиќ настојуваше да се држи на страна – вели Најс.

Во случајот на обвиненијата за Косово, вмешаноста на Милошевиќ полесно можела да се докаже, бидејќи српските сили таму биле под непосредна команда на раководството во Белград, како што е случајот со руските сили во Украина.

Путин лично објави дека наредил „специјална воена операција“ во Украина.

– Тој, исто така, јавно ги изрази територијалните аспирации, а даде јасен став и дека Русите и Украинците се „еден народ“. Тој не рече дека злосторствата ги извршиле одметнати сили. Погледнете ги сликите на урнатите згради, уште пред да стигнеме до случајот на железничката станица во Краматорск и до болницата во Мариупол. Ако тоа биле ракети што случајно ги промашиле „легитимните цели“, се поставува прашањето што се „легитимни цели“ во оваа војна. Нападите врз цивили и врз нивниот имот се воени злосторства – објаснува британскиот обвинител.

Што е воено злосторство

Покрај нападите врз цивилни цели, за воени злосторства се сметаат и употребите на забрането оружје. Најс додава дека за да се утврди геноцид, кој е уште потешко злосторство, мора да бидат докажани мотивите на Путин.

– Некои луѓе би рекле дека неговото однесување е природно ирационално, зашто сака да им наштети на членови на одредена група само затоа што ѝ припаѓаат. На пример, дека сака да убива Украинци само затоа што се Украинци или да убива муслимани само затоа што се муслимани. Со фокусирање само на ова се запоставуваат другите мотиви за руската инвазија, како на пример територијално проширување, односно „враќање на историските граници“, како што се доживува оваа војна во Русија – изјави Најс во интервју за „Радио слободна Европа“.

Како пример, тој укажува дека терористичкиот напад врз Светскиот трговски центар бил „ужасен“, но не е и „геноцид“. „Геноцид“ не би било и фрлање атомска бомба врз главен град на некоја земја во Европа.

– Не сум сигурен дали може да се говори за елементи на геноцид во Украина, зашто таквите елементи се составен дел од злосторства против човештвото. Убивањето луѓе, како еден од петте критериуми за геноцид, е само почетна основа. Клучни се и други елементи, пред сѐ намерата да се убијат членови од одредена група. Затоа се поставува прашањето како да се утврди дали Путин има намера да убива Украинци само затоа што се Украинци, како што нацистите ги елиминираа Евреите само затоа што се Евреи. Тоа беше така дефинирано на Нирнбешкиот процес – вели Најс.

Тој додава дека е тешко да се докаже намера за геноцид ако никој не ја запише како програмски документ и не ја изрази јавно, туку до неа може да се дојде само преку заклучоци врз основа на други докази.

– Ако се имаат предвид другите мотиви за руската инвазија, како „враќањето кон историските граници“, доаѓаме до тешкотии. Затоа некои сметаат дека инсистирањето на изразот „геноцид“ само ја компликува ситуацијата и таму каде што нема потреба – вели британскиот обвинител Џофри Најс во интервју за „Радио слободна Европа“.

Тој додава дека за обвинителите не е неопходно да ги прикажат сите докази за воени злосторства, туку доволно за да се утврди вината на обвинетиот.

– Не ги прикажавме сите докази во случајот против Милошевиќ. Садам Хусеин беше осуден и погубен само врз основа на многу тесно фокусирано обвинение, но кое беше доволно за да се докаже неговата вина – објаснува Најс.

Тој на Украина ѝ препорача да ја продолжи постапката против Русија пред Меѓународниот суд на правдата, а иницијативата за случај пред Меѓународниот кривичен суд треба да ја поднесе меѓународната заедница.

– Главниот обвинител Карим Хан покрена истрага на почетокот на војната и може да се претпостави дека собрал некои докази. За жал, поради правото на вето што Русија го има во Советот за безбедност на Обединетите нации, Хан не може да покрене обвинение за злосторства предизвикани од агресивна војна, бидејќи тоа мора да го одобри Советот за безбедност на ОН. Украина со право бара ОН да ја укинат оваа луда одредба. Тоа е исто како Адолф Хитлер во 1944 година да имал право да гласа кому ќе му се суди во 1946 година – вели Најс.

Проблем за Меѓународниот кривичен суд е и тоа што нема сопствена полиција за да може да приведува осомничени.

– Економските санкции за Русија треба да останат сѐ додека не ги предаде осомничените за воени злосторства. Ако не се случи тоа, ќе се повтори лудата ситуација од процесите за воени злосторства во поранешна Југославија, која со децении се одложуваше израчувањето на Ратко Младиќ и на Радован Караџиќ. Ако меѓународната заедница не издржи, туку попушти поради интересот да увезува гас и нафта од Русија, обвинетите за воени злосторства никогаш нема да бидат изречени и нема да има судења – објаснува Џефри Најс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот