Полански доби „Цезар“ за режија, а демонстрантите солзавец

профимедиа

Ниту Полански, ниту кој било од неговата екипа, поради солидарност со режисерот, во петокот не присуствуваа на церемонијата.

Полско-францускиот режисер Роман Полански е добитник на годинашниот француски „Цезар“, пандан на холивудскиот Оскар, за режија на филмот „Обвинувам“, што наведе неколку актери да ја напуштат церемонијата на доделување на наградите во Париз, јавија агенциите.

Демонстранти пред салата

Во Париз, во петокот, пред салата во која се одржуваше церемонијата, се собраа демонстранти во знак на протест заради номинирањето на филмот на Полански, кој се соочува со обвинение за силување, а полицијата мораше да интервенира со солзавец за да ги растера.

Ниту Полански, ниту кој било од неговата екипа, поради солидарност со режисерот, во петокот не присуствуваа на церемонијата која претходните денови ја обележаа и други афери, како што е колективната оставка на целата управа, поради што дел од актерите ги обвинија за елитизам.

Филмот на Полански „Обвинувам“, за познатата афера Драјфус, која го стресе француското општество на крајот на 19 и почетокот на 20 век, беше номиниран во 12 категории за наградата „Цезар“. Освен за режија, филмот доби „Цезар“ и за адаптација и костимографија.

Британските медиуми јавуваат дека, пред салата, во која се одржуваше свеченоста учесниците на протестот носеа транспаренти со натписи „Индустрија која ги штити силувачите треба да се засрами“.

Без „Цезар“ за силувачот!

Една од паролите што ја носеа феминистките од повеќе организации за правата на жените беше „Без „Цезар“ за силувачот“. Феминистките се собраа пред салата „Плејел“ во Париз, каде беше одржана 45. церемонија на доделувањето на престижната француска филмска награда. Тие направија голем метеж и, дури, се обидоа да го заземат црвениот тепих, но специјалците ги спречија во нивната намера. Пораката беше наменета за Полански кого повеќе жени во минатото го обвинија за силување и сексуално вознемирување.

Оставка на одборот

Пред две недели целиот одбор на академијата „Цезар“, францускиот еквивалент на американскиот Оскар, поднесе оставка заради бранот критики бидејќи филмот на Полански доби дури 12 номинации. Стотици актери, продуценти и режисери, исто така, повикаа на реформа на Академијата.

Одлуката филмот на Полански да се најде во конкуренција предизвика негодување од феминистичките групи и доведе до повик за бојкот.

Полско-францускиот режисер е баран од САД заради силување на 13-годишно девојче, што беше сторено уште во 1977 година.

Полански ги напушти САД уште за време на судењето.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот