Полагања онлајн и со физичко присуство – „хибридна сесија” е најсоодветно решение, смета претседателот на студентите

Студенти/ Фото: ЕПА

Испитнатата сесија која во редовни околности ќе беше почната од 1 јуни, на факултертите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” почна одложено и за термините тие самостојно одлучија. Онлајн-полагање во јунската сесија е веќе почнато, некаде и полагањето со физичко присуство на студентите кое, најголем дел од факултетите, ќе го организираат од 15 јуни. Флексибилността им овозможува на факултетите во консултации со своите студенти да го одредат почетокот на сесијата согласно со нивните потреби и можности.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на  Скопскиот универзитет (УСС-УКИМ) Борјан Ефтимов за МИА изјави дека Универзитетот одлучил да не се определува за едно решение за сите факултети, туку да ги остави факултетите, односно професорите, да одлучат кој е најсоодветен метод за проверка на знаењето.

-Оттука, факултетите и професорите, кои најдобро ја знаат природата на материјата што ја предаваат, одлучуваат дали испитот ќе се одвива онлајн или со физичко присуство. За начинот и времето на реализацијата со сесијата, се разбира, факултетите се консултираат со факултетските студентски собранија. На ист факултет може да има различни начини за различни предмети. Различните предмети подразибраат и различни методи на проверка на знаењето, така што возможно е студентите во испитната сесија некои предмети да ги полагаат онлајн, а некои со физичко присуство, изјави Ефтимов, кој не располага, како што рече, со точен број или статистика колку испити ќе се полагаат на едниот или на другиот начин.

 Одлуката за начинот на проверка на знаењето, вели, е на професорот иако студентите при одредување на начинот имаат право да го кажат своето мислење и да влијаат на таа одлуката. Крајниот збор го има професорот,  но исклучително е важно, вели претседателот на студентската организација на УКИМ, студентите да бидат консултирани – и за начинот на проверка на знаењето, и за организирањето на сесијата и термините за полагање на испитите.

За тоа колку време однапред студентите треба да знаат како ќе го полагаат испитот, Ефтимов одговори дека е прашање што зависи од одговорноста и ефикасноста на деканатите на факултетите.

-Некој разумен рок за вакви вонредни околности би бил целосен распоред барем 10 дена пред почетокот на сесијата. Целосниот распоред, разбирливо, може да подложи на измени поради променетите околности со вирусот, меѓутоа студентите мора да имаат генерална слика за распоредот и начинот на полагање барем 10 дена пред почетокот на сесијата. Сè помалку од тоа би било неодговорно од страна на Деканатот, вели Ефтимов за МИА.

Дали онлајн-проверката на знаењето е поподложна на манипулации во однос на полагањето со физичко присуство, тој смета дека различните методи на испрашување се подложни и на различни типови на манипулацијата. Усните испити се релативно зашитени од манипулација, меѓутоа кај писмените испити, додава тој, „ дефинитивно се појавува поголема опасност”.  Но поради околностите во кои се наоѓаме, смета дека и онлајн-испитите се прифатлива отстапка кога се работи за здравјето на студентите и професорите и очекува дека професорите  ќе искористат механизми за да ги намалат шансите за манипулации.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание, кој е четврта година на Правниот факултет, лично смета дека секој метод на проверка на знаењето има свои добри и лоши страни и дека „хибридна сесија” е најсоодветно решение.

-Постојат многу различни предмети и методи, па затоа сметам дека најсоодветно решение е хибридна сесија која ќе се обиде да го извади најдоброто од двата света. Таму каде што има реални можности за објективна проверка на заењето преку онлајн-испити, сметам дека треба да се применат, меѓутоа таму каде што професорот ќе процени дека во моментов нема соодветно онлајн-решение, треба да се полага со физичко присуство, притоа почитувајќи ги протоколите, рече Ефтимов.

За испитите што имаат практичен дел, пак, смета дека проблемот е сериозен  не само за испитот, туку и за самата практична настава. Намерата со продолжување на сесијата им била, вели, да овозможат реализација и на практичната настава на почетокот на јуни.

-Меѓутоа, тоа падна во вода поради недисциплината и непочитувањето на мерките. Сега сме поставени во таква ситуација во која секој факултет мора да се снаоѓа во дадените околности. За полагањето на практичниот дел, сите студенти ќе добијат информации од своите факултети и факултетските студентски собранија,  додаде Ефтимов.

На студентите кои од објективни или субјективни причини нема да можат да полагаат оваа испитна сесија, тој им порача дека нема да бидат оштетени зашто Универзитетското студентско собрание ќе бара, а очекува и дека ќе издејствува, продолжување на роковите и организирање дополнителни испитни сесии по септемвриската испитна сесија.

-Студентите не треба да чувствуваат притисок да полагаат во оваа испитна сесија. Во овие моменти најважно е физичкото и психичкото здравје на студентите. Сесии ќе има доволно, роковите ќе бидат максимално флексибилни, додаде Ефтимов.

За тие што ги полагаат испитите со физичко присуство, Владата по препорака на Комисијата за заразни болести усвои протокол за постапување на јавните и приватните високообразовни установи односно факултетите во нивни состав при изведување на испитите.

Покрај дезинфекција и носење заштитни маски, протоколот наложува физичко растојание од најмалку два метра на студентите кои полагаат писмено во една просторија, како и паузи од 20 минути помеѓу термините на испитите што се полагаат усно заради дезинфицирање на просторијата.

Инаку, на предлог на Министерство за образование и наука, Владата на седница во петокот донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба со цел да се овозможи редовна организација на високообразовните установи за уписите на сите степени во академската 2020/2021 година.

На таа седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата на МОН и донесе одлука за бројот на студенти за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи. Се очекуваат конкурсите на универзитетите за запишување студенти, а конкурсните рокови се во август-септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот