Најголеми љубови: Пол Елијар и Гала Елијар Дали, но неа не ѝ бил доволен само еден славен маж…

Profimedia

Францускиот поет Пол Елијар на својата 17-годишна возраст ја запознал Елена Димитриевна во еден швајцарски санаториум за белодробни заболувања. Ќе ја нарече Гала, ќе се вљуби во неа, а подоцна ќе дознае дека неговата Гала имала љубовна врска со Мајаковски. Малкумина ќе претпостават дека срамежливото момче Ежен Пол Грендел, кој подоцна ќе го смени своето име во Пол Елијар, ќе стане еден од најголемите француски поети, надреалисти.

Пол Елијар, фото Фејсбук

Првата светска војна ги разделила младите љубовници, Гала се вратила во Русија, а Пол заминал на фронт. Целиот тој период се допишуваат. Пет години по првата средба, во 1917, се венчале, а една година подоцна добиле ќерка.

Гала, фото Profimedia

Но, на Гала не ѝ бил доволен само еден маж, па таа започнала љубовна врска со најдобриот пријател на Пол, познатиот вајар и сликар Макс Ернст. Во еден период сите тројца живееле заедно. Но, иако се обидувале да се претстават како современи, Пол не можел да го издржи овој начин на живот, па сакајќи да ја направи Гала љубоморна за целосно да му се врати, започнал врска со една млада девојка, која не можела да му го смири срцето. Неговото срце засекогаш припаѓало само на Гала.

Gala-Dali. 1932.

Publiée par Salvador Dalí sur Dimanche 29 septembre 2019

Летото, во 1929 година, Гала запознала едно 25-годишно, неискусно момче и таа средба го донела и крајот на бракот со Пол, но не и крај на нивната љубов. Младото момче е Салвадор Дали и таа со него останала до крајот на животот. Сепак, Гала продолжила да се допишува со Пол до крајот на неговиот живот.

Еве само некои од нивните сочувани дописки.

Пол Елијар до Гала Елијар Дали
Ебон, 29 мај, 1927.

Убава моја, обожавана, здодевно ми е до смрт без тебе. Сè е празно, ги имам само твоите фустани и нив ги бакнувам. Твоето чело, твоите очи, твојата уста, твоето присуство, ми недостигаат. Ти си единствена, те сакам за цела вечност. Сите непријатности што ги преживеав не значат ништо. Мојата љубов, нашата љубов ги согоре. Сите други желби ги остварувам во сон. Но желбата за тебе, неа морам да ја остварам во реалноста. Гала, драга моја, единствена моја сакана, засекогаш, врати се што побргу можеш. Ништо не вреди толку за да се откажеме еден од друг. Тука сè е во ред, наспроти мојата тага….
Пол.

Кастелан, август, 1932.
Жено моја, убавице моја,
Не ги разбрав твоите комплименти за мојата способност да ги оценам луѓето. Но добро. Во секој случај тука ми е, како и секаде, здодевно. Дури навечер ни книга не можам да фатам за да заспијам. За ништо не треба да се жали. Оваа тага потекнува уште од моето детство. Мојата љубов кон тебе не е спасување, зашто и нема ништо за спасување, но таа останува како нешто единствено мирно, сигурно и вечно. Мојата прва и мојата последна мисла се упатени на тебе. Сепак, сè е толку чудно, толку залудно. Сè друго е само лага, лага што малку повеќе или помалку е потребна. Без тебе би верувал само во смртта. Се надевам упорно, дека кога ќе го добијам еднаш пасошот ќе дојдам да те посетам, во септември. Но, парите! Најпосле, вие ќе се потрудите да ме угостите.
Пишувајте ми често. Пренеси ги моите поздрави до Дали и Крекер, тие ангели.
Засекогаш твој,
Пол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот