Појавата на Глобалниот југ

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Се гради ново геостратешко партнерство надвор од дофатот на американскиот долар и на американската морнарица. Тоа е блокот што може да стане најголема закана за интересите на САД.

Руската инвазија врз Украина предизвика широк спектар реакции во светот. Додека Западот е мобилизиран да го поддржи Киев и да ја казни Москва, голем дел од таканаречениот Глобален југ или не сака да биде вовлечен во војна за која велат дека не е нивна, или дури му дава дипломатска и економска поддршка на режимот на Владимир Путин.

Може ли Украина да го ангажира Глобалниот југ? Колкаво влијание има Киев врз Делхи, Бразилија или врз Џакарта?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со неодамнешната дипломатска офанзива, што го однесе во Лондон, Рим, Париз, Берлин, Џеда и во Хирошима на самитот на Г-7, ја обезбеди поддршката од богатите западни земји.

„За жал, има некои во светот, но и овде, меѓу вас, кои замижуваат пред илегалните анексии“, порача Зеленски во средината на мај, за време на ненадејната посета на самитот на Арапската лига во Џеда.

Глобалниот југ досега беше многу ангажиран во барањето климатска правда, но се држи настрана во колонијалната војна што ја почна Русија против Украина. Тој гледа на работите од поинаква перспектива: земјите што ја поддржуваат Украина се главно истите оние што го колонизираа Глобалниот југ.

„Она што се случи во САД е дека рамката – демократија против автократија – ја одреди позицијата на Бајден и неговата надворешна политика, но мислам дека тоа не важи за поголемиот дел од остатокот од светот. Тоа не е рамка со која тие се идентификуваат на многу начини“, смета Рејчел Ризо од Европскиот центар на Атлантскиот сојуз.

Новото собирање најпрвин тргна на идеолошка основа помеѓу Москва и Пекинг, каде што не го кријат појавувањето на заедничкиот фронт против униполарниот свет под доминација на Америка. Тие ги нудат своите „традиционални вредности“ како алтернатива на „неолибералните елити“. Глобално интегрираната Кина е во поповолна позиција бидејќи не мора исклучиво да се интегрира Евроазија, за разлика од изолираната Русија.

Земјите на БРИКС – Бразил, Индија, Јужна Африка, Кина и Русија – сè погласно ја оспоруваат глобалната доминација на Западот, и политичка и финансиска. Тие стануваат сериозен ривал на Г-7, групата најразвиени земји во светот.

Се отвора простор за земји како Индија, Турција или Саудиска Арабија, кои се силни регионални сили, но недоволно моќни да го обликуваат светскиот поредок. Тие не ја кријат својата амбиција во соработка со Кина и Русија да учествуваат во преобликувањето на постзападниот светски поредок. Тие бараат реформа на системот на Обединетите нации.

Јужна Африка предизвика многу контроверзии кога одржа заеднички воени вежби со Русија и Кина во февруари – на годишнината од Путиновата агресија. Ријад непријатно го изненади Вашингтон кога го угости претседателот на Венецуела. Многу земји, како Катар, Мали, Буркина Фасо или Колумбија, се обидуваат да извлечат економски придобивки со тоа што одбиваат да заземат страна во украинската војна.

Разузнавачката единица на лондонскиот „Економист“ заклучува дека нето-поддршката за Русија се зголемила во годината по агресијата и дека овие земји сочинуваат 31 отсто од светската популација. Сферата на влијание на Русија се шири благодарение на поагресивната кампања и ангажираната дипломатија. Пропагандата на Путин упорно повторува дека западните санкции ја предизвикаа глобалната енергетска криза и ја загрозија прехранбената безбедност. Западот не успева да ги блокира наративите на Кремљ, се вели во извештајот.

Кина, Русија, Индија, Иран и земјите од Глобалниот југ, преку трговијата и транспортот, градат ново геостратешко партнерство надвор од дофатот на американскиот долар и на американската морнарица. Тоа е блок што може да стане најголема закана за интересите на САД во последните децении.

Во последниве години, Вашингтон го прогласи Индопацифичкиот регион за највисок приоритет во својата надворешна политика и се трудеше да ја одржи глобалната рамнотежа со тоа што Евроазија би била поделена. САД сè уште ја водат коалиција на демократските сојузници, но на маргините на Евроазија: ривалите лоцирани во центарот се здружуваат.

Земјите од Глобалниот југ, и богатите и сиромашните, стануваат цел на двата ривалски блока. Нивната вредност се зголемува. Тие стануваат клучни во конфликтот помеѓу Тврдината Евроазија и она што се вика „слободен свет“. Делхи, Ријад или Анкара знаат вешто да ја наплатат приликата што им се укажа.

Путиновата инвазија само го забрза создавањето на новото евроазиско јадро. Војната ја префрли на преден план воената димензија на нивната соработка.

Русија и Северна Кореја ги зајакнаа врските бидејќи на Русите им се неопходни артилериски гранати. Москва и Техеран градат „сеопфатно воено партнерство“, како што го опиша директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

Кина одби воено да ги поддржува Русите, плашејќи се од американски и од европски санкции, но обезбедува неборбена поддршка за Москва, која и тоа како помага во Путиновите воените напори. Присуството на високи кинески воени експерти на самитот помеѓу Путин и претседателот Си Џинпинг во Москва ги засили шпекулациите за извоз на оружје и на напредна технологија – што Пекинг и понатаму ги демантира.

Кина и Русија истовремено ја реконструираат меѓународната трговија и го исфрлаат доларот од меѓусебните трансакции. Ним им се придружува Иран, кој експериментира со Кинезите, а и Саудиска Арабија најави дека извозот на нафта во Кина ќе го наплатува во јуани, валута што во февруари ја презеде водечката улога на московската берза. Се гради економски систем што нема да го истисне доларот, ама значителен дел од бизнисот ќе се префрли на јуанот и така кинеските сојузници ќе ги направи поотпорни на какви било американски казнени мерки.

Мирното решение на украинската војна е далечна перспектива. Прекинот на огнот не значи мир. Ниту една власт во Киев нема да прифати да ги предаде териториите што сега ги контролира Русија. Војната може да биде замрзната, но тешко дека ќе заврши со испреговарана спогодба. Можно е „корејско решение“, што подразбира новоисцртани демаркациски линии и примирје. Таквото решение значи конфронтација и тензии во годините што доаѓаат. Украина останува долгорочен тест за односите помеѓу Русија и Западот.

Тоа што се појавува е нов поредок што ги напушта рамките на Студената војна, битката помеѓу демократијата и тоталитаризмот. Зајакнуваат идентитетските политики на новите „средни суперсили“. Тоа ќе му биде поважно на Глобалниот југ, отколку идеолошките поделби на минатото. Тука Кина се позиционира како лидер. Западот ќе направи сè за да не биде така и да го зачува либералниот поредок. Повеќе ќе присуствуваме на новиот светски неред, отколку на нов светски поредок.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот