(ОТВОРЕНО ПИСМО) Поинаку: „Овде имаше ќеса за отпад Панде ја изваде“

„Поинаку“ претставува граѓанско здружение кое на последните локални избори излезе самостојно и освои два советници во советот на Општина Битола.

Тоа се случува за прв пат во општина со над 40.000 жители да има независни советници со посебна листа.

Целта на „Поинаку“ е решавање на локалните проблеми и директно вклучување на граѓаните во одлуките кои ги носат политичките (партиските) избраници.

Идејата и целта за жолтите ќеси

Советниците од „Поинаку“, Габриела Илиевска и Иван Чулакоски имаат отворено канцеларија за средба со граѓани. Таму може секој граѓанин да дојде и да го каже својот проблем или потреба од помош од страна на советниците.

Еден од проблемите кои ги изнесоа беше проблемот со недостаток на ќеси за отпад. Така и настана идејата. Баравме решение кое нема да оштетува, лесно ќе може да се одржува и ќе биди функционално за граѓаните.

Зошто со лого „Поинаку“

Од формирањето на новиот совет скоро на секоја седница советниците на „Поинаку“ предлагаа проекти, решенија и проблеми за и од граѓаните. Ниту еден предлог не е прифатен од страна на власта, затоа за да се привлече внимание и да и се покаже на власта дека и “ич пари” ( иако за нас се големи пари како здружение) можат да се решат некои проблеми на граѓаните.

Отстранување на ќесите

– Поставивме 50 ќеси низ градот. Истите секој втор ден ги сервисиравме – старите ги вадевме бидејќи беа полни и поставувавме нови. Тоа го правевме со сопствено возило, сопствени средства и со наши активисти. Тоа траеше еден месец. Во меѓувреме ЈП Комуналец закажа средба со советниците иако ние имавме најавено годишни одмори, и донеле едногласна одлука дека со тоа правиме хаос во градот. За да по неколку дена, во утринските часови истите бидат извадени од страна на ЈП Комуналец – велат од „Поинаку“.

– На местата каде што беа ќесите поставивме лепенки со наслов „Овде имаше ќеса за отпад Панде ја изваде“, додека обезбедиме нови кои повторно ќе ги поставиме. Исто така се обративме на писмено и си ги побаравме кантите од ЈП Комуналец, на кој допис се уште немаме одговор – потенцираат од здружението.

Во прилог на ова соопштение Ви го доставуваме дописот со кој побаравме враќање на металните обрачи од ЈП Комуналец на 01/08/2019 година и воедно сакаме да ја известиме битолската јавност за следните факти за кои еве веќе осми ден Директорот Панде Богоевски не дава никакво објаснување, а и да ги поставиме следните прашања :

1. Бидејќи изнесовте дека во ноќта помеѓу 01 и 02 август 2019 година ги презедовте овие дејствија наводно по налог на комуналниот инспекторат при Општина Битола, бараме од Вас јавно да ја презентирате документацијата која согласно Законот за јавна чистота и Одлуката на Општина Битола од 2012 година (објавена во Службен Гласник бр.14/2012 година) треба да биде составена при преземање на вакви дејствија (Записник, фотографии, присутни лица, службени белешки, потврда за одземени предмети и останато – член 115, 116 и 117 од истата одлука ). Исто така презентирајте и документација и доставете информација до јавноста дали е формирана комисија од Градоначалникот на Општина Битола која е должна да постапува по жалби при вакви ситуации (член 117 од истата одлука).

2. По кој основ ги држите осми ден металните обрачи, каде се наоѓаат истите, зошто не ги враќате, за да можеме повторно да ги наместиме, како Битолчани би имале каде да го фрлаат ѓубрето низ градот.

3. Зошто објавивте дека започнавте постапка за набавка на 70 канти за ѓубре, дури откако ние наместивме обрачи со кеси, доколку до 01/08/2019 година имаше доволно канти за ѓубре низ Битола.

4. Зошто пред медиумите наведувате дека не сте надлежни за одржување на контејнерите за смет низ градот, кога тоа Ви е обврска согласно член 28 од горенаведената Општинска одлука?

5. Зошто не објаснувате од кои причини не го чистите исцедокот од камионите на ЈП Комуналец кој тече низ битолските улици и создава непријатна миризба која подоцна преминува во неподнослива „реа“ и можност за ширење на зарази со што директно би влијаело на здравјето на битолчани. И ова Ви е исто така обврска согласно член 31 од оваа одлука?

6. Објаснете им на Битолчани зошто сите контејнери и канти за отпад немаат капаци, а ниту Вие ниту општинскиот комунален инспекторат не реагирате? Обврска по член 29 од оваа одлука.

7. Објаснете бидејќи скоро 2 години сте локална власт зошто наплаќате од сите граѓани на Битола одржување на јавно зеленило, а не средувате ни 20 % од урбаните зелени површини, кои не се само просторот во паркот кај шеталиштето и парковите кај Градскиот часовник, Битола има и останати урбани зелени површини кои сте должни да ги уредувате и одржувате. Ова Ви е обврска согласно членовите од 39 до 48 од истоимената одлука.

8. Зошто закажавте средба помеѓу Вас и сите советнички групи од градот и јавно признавте дека бевте известени од Нас дека сме на годишен одмор, средбата ја одржавте, Ние Ве поканивме како што доликува на Битолчани да Ни бидете гостин во Нашите простории да разговараме за состојбата со сметот во градот, јавно кажавте дека прифаќате средба за да потоа ја злоупотребите оваа ситуација и да преземете чекори најверојатно под притисок од Вашата партија која Ве избрала да бидете директор. Сето ова е директно на штета на битолчани и Битола кои за разлика од Вас нас Не избраа директно и непосредно на избори и ако е ова начинот на кој Вие сте избрале дека со граѓаните ќе ја водите битката за подобри услови за живеење во кои спаѓа и собирањето на ѓубрето, Ние ја прифаќаме без оглед на цената и времетраењето. За ова битолчани Не гласале нас и не избрале, за да се бориме за секој од нив, а не во зависност од желбите на група политичари или луѓе како што Вие избравте да настапувате од позиција на наводна сила.

Воедно истите овие прашања ги упатуваме јавно до Градоначалникот на Општина Битола и до Комуналниот инспекторат, да одговорат што е преземено, а што не е и зошто не е ?

Срдечно Ве поздравуваме сите Вас и немојте да се секирате за ништо, СЕ ЌЕ БИДЕ ОК!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот