Поголем дел општини сè уште слабо ги организираат тендерите

 Јавните набавки се организираат слабо и несоодветно, не се образложуваат потребите од јавни набавки, што води до чести измени на годишните планови за јавни набавки. Законска измена има, но и натаму главен критериум е најниската цена, додека во мал дел од набавките e забележана значајна разлика во цените на иста стока, работи или услуга од општина до општина, покажа истражувањето и анализите на НВО ИНИ од Виница.

Тодор Цонев од ИНИ – Виница вели дека во анализата на јавните набавки се опафтени општините Виница, Неготино, Гевгелија и Ново Село. Додека за јавните набавки за песок, кој се користи и за зимско одржување на улиците, анализирани се три јавни претпријатија од Штип, Македонска Каменица и Гевгелија.

 Во анализата се констатира дека во однос на мониторираните општини, во просек најмногу измени на годишниот план за јавни набавки има Општина Неготино 9, Виница 5,5, Гевгелија 5 и Ново Село 4,5. Реализацијата на годишните планови за јавни набавки на горенаведените општини се движи од 13,21 отсто на општина Ново Село, Гевгелија 40,72 отсто, Виница 77,6 отсто и Неготино со 96 отсто реализација во 2018 година. Вкупниот број спроведени набавки на сите општини е 142, вкупниот број договори е 179 со вредност од 192.087.277 денари, вели Цонев.

Забележува дека кај сите доминира критериумот за најниската цена. Токму овој критериум и е-аукција, беа задолжителни со претходниот Закон за јавни набавки за договорните органи, додека како што вели Цонев со новиот Закон за јавни набавки што стапи во сила на почетокот на 2019 година оваа обврска е надмината, но истражувањата покажуваат дека и понатаму најниската цена е критериум во 95 отсто од набавките, а е-аукција се спроведува кај 93 отсто од тендерите.

– Вкупниот број на целосно поништени постапки е 24 или 17 отсто од вкупниот број спроведени тендери, кај 12 постапки не е поднесена ниту една понуда, една постапка е со битни пропусти во тендерската документација, една постапка поништила Државната комисија за жалби по јавни набавки, а кај останатите 10 постапки не е поднесена ниту една прифатлива понуда или понудувачите понудиле цени кои се понеповолни од реалните на пазарот, додава Цонев.

Во сите тендери е обезбедено високо ниво на конкуренција од шест до 14 понудувачи. Електронската аукција е спроведена за сите тендери и е постигнато намалување на цената 8,6 пати кај општина Виница, до 20 пати кај останатите општини, во однос на највисоко пристигнатите понуди.

Посочува дека тендерските документации и техничките спецификации се стандардни, освен кај општина Ново Село, каде во техничката спецификација во делот на „Обврски на економскиот оператор во процесот на вршење на услугите” е наведено, „Економскиот оператор да обезбеди надзорниот инженер да биде на располагање на општината во рок од 30 минути од повикот”, и истото тоа е дадено и во склучениот договор помеѓу Општина Ново Село и избраниот понудувач, што претставува доста ограничувачки фактор за понудувачите кои се повеќе оддалечени.

– Планирањето на јавните набавки од страна на институциите е слабо и несоодветно. Годишниот план за јавни набавки се носи и објавува навремено, меѓутоа недостига подетално образложение на потребата од јавните набавки. Честите измени на годишниот план за јавни набавки е показател дека договорните органи несериозно пристапуваат во планирањето на јавните набавки и отвораат можности за постоење на коруптивни активности, вели Цонев.

 Препораки за општините за реализација на јавните набавки

Анализата на ИНИ – Виница на општините им препорачува договорните органи да изработуваат детално образложение за потребата на јавните набавки пред донесувањето на одлуката што ќе се набавува, и задолжително да ги објавуваат причините за измените и дополнувањата на годишните планови за јавни набавки.

Потребно е почесто спроведување на јавните набавки со директно поднесување на понудите од економските оператори и користење на критериумот за избор на економски најповолната понуда при што се бодуваат и цената и квалитетот. Бирото за јавни набавки да изработи насоки за избор на економски најповолната понуда.

Конкуренцијата е сериозно нарушена во одредени постапки од честите и значајни измени на годишните планови за јавни набавки, делумно или целосно поништувањето на постапките кај 20 отсто од спроведените тендери, големиот процент на зголемување на жалбите до Државната комисија за жалби по јавни набавки, чести пропусти при изработка на тендерските документации водат до пад на бројот на просечни понудувачи. 

При ваквите анализи се препорачува договорните органи да извршат внатрешна проценка на капацитетите на институцијата, и да изработат внатрешни процедури за сите фази во спроведувањето на јавните набавки и истите доследно да се спроведуваат. Препораките кои се даваат од ИНИ – Виница е за секој договор да се назначува одговорно лице, за реализацијата на проектот да известуваат на веб-страницата, на овој начин институциите ќе започнат и со проценка на ризиците од корупција и судирот на интерес при јавните набавки.

Овие податоци и анализи се дел од истражувањето „Интегритет на институциите на локално ниво во јавните набавки” на Здружението ИНИ од Виница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот