Погледот на животното пред смртта нè соголува

Таа беше повеќе подготвена за разделба од мене. Беше подготвена да ја прифати смртта со достоинство. Изгледаше дека ја прифаќа смртта на ист начин како што го прифатила и животот. Без страв. Јас пак, бев исплашена до коски. Најпосле, заспа, си замина. А јас останав, до денес, да се прашувам дали сепак, можевме да купиме и продадеме заедно барем уште еден ден. Уште цели 24 часа преубави спомени.

Оние кои се соочиле со загубата на своето домашно милениче, добро го познаваат тоа чувство. Чувство кое, можеби, со текот на времето избледува, но никогаш не се заборава. Ветеринарот ја изговара фразата која не сакаме да ја чуеме – „не останува ништо друго, освен евтаназија“, и светот во истиот миг се урива врз вас.

Иза, кучка од расата Акита ину, имаше само четири ипол години, кога морав да ја испратам на „оној свет“, со евтаназија. Од мало кутре се мачеше, боледуваше од некоја имунодефициентна болест, и постојано беше на работ меѓу животот и смртта. Имаше денови кога беше многу весела, кога шетавме во паркот, кога си игравме со топчиња и јаженца, кога заедно гледавме телевизија, заедно дегустиравме различни видови храна, колку многу се гушкавме! Но имаше и денови кога не можеше да мрдне од нејзиното креветче, кога нозете ѝ беа изрешетани од игли, од инфузии, од лекарства во големи дози. Така истеравме четири и пол години, ден за ден, ден продај, ден купи. Но сепак, кога дојде тој момент, времето за неминовна разделба, не бев подготвена за збогум. Ја галев по главчето додека заспиваше. Беше дома. Во близина на нејзиното креветче. Ме гледаше право в очи, но како да гледаше зад мојот поглед, подалеку. Имаше потреба од љубов, сега повеќе од кога било. Тоа е оној поглед што нè остава потполно голи. Така се чувствував пред мојата пријателка Иза, која престана да мавта со опашката, но која изгледа сфатила сè. Таа беше повеќе подготвена за разделба од мене. Беше подготвена да ја прифати смртта со достоинство, со тивко страдање. Изгледаше дека ги прифаќа и „преминот“ и смртта на ист начин како што го прифатила и животот. Без страв. Јас пак, бев исплашена до коски. Најпосле заспа, си замина. А јас останав, и пет години подоцна, до денес, да се прашувам дали сепак можевме да купиме и продадеме заедно барем уште еден ден. Уште цели 24 часа преубави спомени.

Според едно европско истражување, дури во 90 отсто од случаите, сопствениците одлучуваат да не бидат сведоци на евтаназијата на нивниот домашен миленик. Себично, нели? Од друга страна пак, ветеринарите, кои се најчести сведоци на ваквиот тип на разделби, велат дека во тие моменти „тие наоколу го бараат својот сопственик, и тој поглед нè убива“. Дури и за ветеринарите, евтаназијата не е „обичен преглед“, туку непријатно сведоштво за крај на еден живот.

– Не оставајте ги сами. Не дозволувајте да умрат во просторија полна со туѓинци и во место кое не го сакаат. Тоа што треба да се знае, а често се игнорира, е дека животните ве бараат кога ќе ги оставите. Со погледот талкаат по секое лице од просторијата во потрага по личноста што ја сакаат. И не можат да разберат зошто ги оставивте сами сега кога се болни, исплашени, стари или кога умираат, кога им е најмногу потребна вашата утеха, објаснува еден ветеринар.

Човекот не се плаши од заминување на Месечината или на Марс, но преплашен е од смртта. Дури и најскептичните од нас, во последните моменти од животот чуваат надеж дека има нешто „потоа“. Животните пак, изгледа дека сфаќаат дека после смртта, ништо веќе нема да биде исто.

Кога дознала дека нејзиниот англиски мастиф има карцином на коските и дека мора да го „заспие“ кучето, Американката Лорен Ферн Ват, ѝ подготвила на својата осумгодишна Жизел листа на желби. Список на авантури кои Жизел најмногу сакала да ги прави во текот на животот. Така започнале со забавно возење со кану, следувала утринска прошетка на плоштадот „Тајмс“ пред тој да се наполни со луѓе и сообраќај, па заедно јаделе сладолед од ванила… Нивната четиридневна приказна стана книга преведна на 16 јазици, „Мојот живот со многу големото куче“.

Како што нема хумана и нехумана смрт, туку достоинствена и недостоинствена, така нема и хумана и нехумана евтаназија. Има евтаназија поради голема причина – поради тоа што нема понатаму каде, а има и евтаназија поради тоа што – не знам што да му правам на животното, па ајде да го убиеме, да се отарасиме од него, ама хумано да пцовиса. Од Град Скопје велат дека „со спроведување на новата програма, ЈП „Лајка“ ќе биде првата алка во синџирот за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници и значително намалување на нивниот број на улиците“. Програмата раскажана со „свои“ зборови, вели вака, ако кучето се „закашла“, не му бега евтаназија, и така волшебно и брзо ќе се решат сите проблеми на улиците. Е, навистина овие од Град Скопје се некои многу хумани луѓе.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот