Поглед во Вухан – епицентарот на епидемијата на опасниот корона вирус

Фото: Профимедиа

Вухан е град на истокот од Кина со девет милиони жители, со предградијата вкупно 11 милиони, за кој многумина немаа слушнато се додека не стана епицентар на епидемијата на новиот корона вирус, пренесува „Индекс.хр“.

Вухан сега е местото во кое е поставен најголемиот карантин во историјата, заедно со блиските милионски градови Хуангганг и Езхоу и други помали градови. Вкупно 20 милиони луѓе се под карантин кој кинеските го прогласија во средата, за да спречат понатамошно брзо ширење на вирусот.

Според правилата за карантинот кои стапија на сила вчера, укинато е движењето на возовите и авионите во Вухан и надвор од него, како и јавниот превоз во градот – автобусите, подземната железница и траектите.

Дополнително, властите наредија сите граѓани додека се движат по улиците да носат заштитни маски. Сите кои влегуваат и излегуваат од градот се прегледуваат со термални скенери за да се детектираат оние кои имаат повишена телесна температура, што е една од симптомите на заразата.

Се прегледуваат и возилата кои пренесуваат диви животни, за кои се смета дека го пренеле овој корона вирус на луѓето. Локалните пазари, на кои се продаваат домашни и диви животни, вклучувајќи птици, змии и лилјаци, уште од претходно се затворени.

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Иако вчера попладне службите се уште дозволуваа автомобилите да го напуштаат Вухан, наскоро започнаа и блокадите на патиштата кои водат во градот и надвор од него, јавува американски „НПР“.

И во Езхоу, град со милион жители, денес е прекинат железничкиот сообраќај. Во Хуангганг, град од седум миилиони луѓе кој е на педесетина километри од Вухан, жителите не смеат да го напуштаат градот без посебна дозвола, јавува „Њујорк тајмс“.

Празните улици на Вухан се вообичаена глетка, и покрај тоа што во сабота треба да се слави кинеската Нова година, по што традиционално следи и двонеделната прослава со Фестивалот на пролетта и Фестивалот на светилките. За таа прилика, стотици милиони Кинези обично патуваат за да ги посетат своите семејства или на одмор, како во Кина, така и во странство.

На фотографиите кои доаѓаат од градот може да се забележат војници со маски кои ги блокираат влезовите на градскиот железнички коридор.

Жителите брзо започнаа да ги празнат полиците на продавниците за да се подготват за евентуален недостаток на храна и присилно останување во своите домови.

– Се трудам да останам дома и да излегувам само за да купам неопходни намирници – рече еден жител на Вухан пред репортерите на „АФП“ во мал супермаркет, во кој дел од полиците веќе се празни.

Фразата „Вухан е запечатен“ до четвртокот навечер е побарувана преку 1,2 милијарди пати на социјалната мрежа Веибо, кинескиот еквивалент на Твитер.

– Свесно го избегнуваме излегување, педантно дезинфицираме и носиме маски. Но, ни недостасува храна и средства на дезинфекција и потребни ни се повеќе ресурси. Се надевам дека сите можат да разберат како се чувствуваме, како ова да е крајот на светот – напиша еден жител на Вухан на Веибо.

Некои Кинези на социјалните мрежи за епидемијата ги обвинија самите жители на Вухан, кои сметаат дека поради консумацијата на дивите животни започнало ширењето на вирусот.

– Зар толку луѓето уживаат во консумација на дивите животни? Зарем лекцијата со САРС-от не беше доволна? – се запраша еден корисник на Веибо, алудирајќи на епидемијата на САРС-от во Кина и околните земји во 2002 и 2003 година, во која починаа речиси 800 луѓе.

Имено болеста во меѓувреме се прошири во сите кинески прокраини, вклучувајќи ги и Хонгконг и Макао, но и на Тајван, Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, САД, Саудуска Арабија, а можеби и во Велика Британија и Франција.

Бројот на починати порасна на 26, а бројот на заразени на најмалку 830, барем според службените податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот