Поглед во огледало

Единствениот начин на кој ќе може да одиме напред е да расчистиме со она што е зад нас, да знаеме кои сме, од каде доаѓаме, кои се личностите од нашата историја кои се бореле за нашиот идентитет и успеале да го одбранат, одржат и да ни го предадат нам, за ние да им го предадеме на нашите деца.

Прашања за историјата, идентитетот и самосознанието. „Народ се вељид, људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор и који, живувајед и се другарад еден со други и који имајед једнакви обичаји и песни и весеља, тије људите ји викајед народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија“.

Книгата „Речник од три јазици“ од Ѓорѓија Пулевски, или како што самиот се нарекува – Мијак Галички, е објавена во 1875 година. На сите кои барем малку се запознати со јазиците на нашите соседи, кога ќе ги прочитаат овие реченици, јасно им е дека прекрасниот мијачки дијалект, кој во Македонија се говорел пред повеќе од 150 години, е различен и од бугарскиот и од српскиот јазик. Ѓорѓија Пулевски нив ги пишувал 44 години пред формирањето на Коминтерната и 69 години пред Првото заседание на АСНОМ. „Речникот од три јазици“ несомнено претставува еден од најзначајните меѓници на нашиот идентитет. Доколку пак се има предвид фактот дека еден од другите два јазика во речникот е албанскиот, станува јасно колку ова дело е значајно, актуелно и потребно денес. И наместо тоа да биде задолжителна литература која секој ученик би требало да ја знае напамет, јас досега таа историска лекција, многу ретко сум ја среќавал во нашиот образовен систем.

Јазикот на предците

Во изминативе 30-ина години имав можност често да патувам и во Србија и во Бугарија и во Грција, да се среќавам со нивната култура, историја и традиции и секогаш сум си го поставувал прашањето: кои се разликите помеѓу нашите соседни народи и нашиот, македонскиот? Дали становиштата на нивната историографија и лингвистика (особено последните реафирмирани тврдења на претставниците на бугарската влада за непостоење на нашиот народ и јазик) се реални и базирани на вистината или не? Како некој што не студирал ниту историја, ниту пак лингвистика (но да, историјата на државата и правото, помеѓу другото) се обидов самиот да побарам одговор на ова прашање, поаѓајќи токму од идејата да се најдат оние историски личности и настани кои претставуваат значајни елементи на нашиот идентитет, особено од втората половина на 19 век па наваму, кога почнува поинтензивниот период на самоосознавање на македонското население и формирањето на модерниот македонски народ, а подоцна и нација. Првото прашање кое си го поставив себеси, а и на мојата баба, беше: на кој јазик говореле моите предци, бабите и прабабите, дедовците и прадедовците на моите баби и дедовци? Одговорот на мојата баба беше јасен:  Внучко, моите баби и дедовци не говореа ниту бугарски, ниту српски, туку наш, македонски јазик! Тоа секако беше „in vivo“ потврда дека во времето кога Пулевски го пишувал својот речник на три јазици моите предци говореле на тој ист наш, убав, архаичен јазик.

Понатаму, се обидов да откријам кои наши дејци и историски личности не се наведени (барем не по добро) во енциклопедиите на нашите соседи. Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков, на пример. Едниот, во далечната Русија далеку од својата татковина, се борел да го афирмира македонското прашање, а другиот „на Балканите“,  поблиску се обидувал да најде одговор на прашањето: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред? Ова прашање, Мисирков си го поставил 16 години пред формирањето на Коминтерната и 41 година пред Првото заседание на АСНОМ. Со овие факти, паѓаат во вода тврдењата на официјална Софија дека ние сме творба на Коминтерната и постоиме од 1944 година.

Но, во таа моја потрага по сопствениот идентитет наидов и на прашања кои не секогаш кореспондираа со она што сум го учел. На пример, зошто византискиот император Василиј Втори, кој ја поразил и ослепел Самоиловата војска бил наречен Бугаро-убиец? Зошто првото име на организацијата којашто ние ја знаеме како ВМРО, а е формирана во 1893 година, било Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети – БМОРК? Од каде Одрин (Едрене) и Македонија да имаат една иста организација, а нивната единствена врска да биде тоа што географски се наоѓаат на запад, односно на југ од Бугарија? И, конечно,  зошто Уставот на таа организација е напишан на чист, литературен, бугарски јазик? Дали знаете дека Александар Протоѓеров, лидерот на ВМРО, бил генерал во бугарската војска? Дали знаете дека истиот тој Александар Протоѓеров бил заменик-командант на т.н. Македонско-одринско ополчение – посебен дел на бугарската војска составен од 14.700 души, повеќето од Македонија, кои се бореле на страна на бугарската армија за време на Балканските војни?

Посебен феномен во оваа потрага по идентитетот претставува Ѓорѓи Гоце Делчев. Како овој кукушанец, питомец на Военото училиште во Софија и учител во бугарското училиште во Штип, станува идеолог на Македонското револуционерно движење? Зошто, доколку бил Македонец, бил питомец на бугарската војска и предавал на бугарски јазик? Зошто пак, ако бил Бугарин, би ги заколнувал идните генерации, неговите мошти да ги погребат во престолнината на независна Македонија?

Да расчистиме зад нас

Има уште многу прашања на кои одговорите, можеби, нема многу да ни се допаднат, но единствениот начин на којшто ќе може да одиме напред е да расчистиме со она што е зад нас, да знаеме кои сме, од каде доаѓаме, кои се личностите од нашата историја кои се бореле за нашиот идентитет и успеале да го одбранат, одржат и да ни го предадат нам, за ние да им го предадеме на нашите деца.

Оваа катарза во којашто се наоѓаме, а која отпочна со периодот на антиквизацијата, која остави и се уште остава длабока негативна трага во и онака поделеното македонско општество, не смее да заврши со проста замена на лозунгот „Ние сме деца на Александар“ со „Имаме заеднички корени“. Тоа треба да биде процес, а не чин, во кој ние, заради нас самите, а не заради соседите, ќе се погледнеме во огледало и ќе си речеме: Можеби не сме наследници на големи империи и можеби не постоиме со илјадници години, ама сме „људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор и који, живувајед и се другарад еден со други и који имајед једнакви обичаји и песни и весеља, и дека нашето отечество је Македонија“, барем од 1875 година.

Тргнувајќи од премисата дека Повелбата на Обединетите нации во членот 1 став 2 предвидува дека односите помеѓу државите ќе бидат базирани на начелата на рамноправност и самоопределување на народите, секое тивко инсистирање и „охрабрување“ од ЕУ за „усогласување на ставовите“ по прашањето за народот, нацијата и јазикот, стануваат бесмислени. Доколку ЕУ дозволи изживување на своја земја членка кон земја аспирант за ЕУ, опасноста од воспоставување правен и политички преседан (пракса) од тој вид е далеку поопасна за ЕУ, од самото започнување (или незапочнување) на преговорите за членство на РСМ во ЕУ. Тој тренд го препозна искусниот г. Рикер, кој во име на американската влада, сакал или не, и понуди на ЕУ кроки за решавање на настанатиот проблем, наведувајќи дека решенијата за билатералните прашања земјите треба да ги бараат надвор од евроинтеграцијата на РСМ. На паметниот доволно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот