Поглаварите на МПЦ-ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.Порфириј утре ќе одржат заедничка архиерејска литургија во Охрид

Поглаварите на СПЦ и МПЦ-ОА, Порфириј и Стефан, Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ – ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј, придружувани од неколку епископи од двете цркви.

– Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија  го повикува македонскиот богољубив народ да земе молитвено учество на света архијерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од страна на Соборот на Српската Православна Црква  на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух, во Катедралниот храм на Охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид. Литургијата е со почеток од 9 часот – соопшти Канцеларијата на Синодот на МПЦ.

Светиот архиерејски синод на СПЦ на заседанието на 20 мај донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната охридска архиепископија (ПОА) и нејзино интегрирање во МПЦ-ОА.

-На заседанието особено внимание беше посветено на темата за конечното решавање на канонскиот статус на архиереите на Православната Охридска Архиепископија, во светло на минатогодишната одлука на Светиот архиерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство, како и последователната одлука за доделување на Томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. За таа цел, Соборот донесе одлука за доделување канонско ослободување на ерархии на оваа автономна црква од страна на СПЦ и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со светите канони и Устави на двете помесни Цркви, како и претходно постигнатиот договор на Синодите на сите три црковни структури – информираше во соопштение Светиот архиерејски синод на СПЦ.

Заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА  г.г Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ-ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

-По благодатта Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот кој се нарекува Томос – изјави Порфириј по литургијата во Белград на 5 јуни, минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот