Погазен мирот на Блискиот Исток: Палестинец убиен во судир со израелската војска
Израелските сили денеска убија Палестинец за време на конфликт на окупираниот Западен брег, јави палестинското Министерство за здравство.
Тензиите во регионот и натаму се високи и покрај примирјето постигнато минатата недела помеѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас во Газа, со кое заврши 11-дневниот воен конфликт.
Неколку стотици Палестинци денеска се собраа во близина на Наблус, на северозападниот брег, да протестираат против новите израелски населби. Британските медиуми наведуваат дека мекои од нив, маскирани, фрлаа камења кон војниците и запалија гуми.
Израелската војска соопшти за „насилни немири” во кои Палестинци палеа оган и гуми и фрлаа камења кон безбедносните сили, кои одговорија со „мерки за контрола на немирите”.
-Ние сме свесни за информациите за убиство на Палестинец. Причината за неговата повреда се уште не е позната. Инцидентот се испитува , изјави портпаролката на израелската армија.