Поетски вознес: Две нови книги на поетесата Преспана

Творечкиот опус на поетесата Лидија Дочовска Павловска, позната и под псевдонимот Преспана, е дополнет со две нови книги: „Ехото на старите патеки – Виа Игнација“ и „Розите на Преспа“. Двете книги се рефлексија на опсесивната тема на поетесата, односно Преспанската тема.

Растејќи во Преспа уште од своето рано детство таа во себе го чувствувала мирисот на преспанските рози, кои по долги години процветале во нејзиното срце и се излеале на белите листови хартија под наслов „Розите на Преспа“. Во „Ехото на старите патеки – Виа Игнација“, Преспана го изнесува својот поглед и филозофија на животот кој има свој почеток и крај, како и патот што води од Драч до Константинопол, исполнет со колоритни животни приказни.

Поетесата Лидија Дочовска Павловска е позната и под псевдонимот Преспана

Лидија Дочовска Павловска – Преспана е член на Друштвото на писателите на Македонија. Иако по професија е дипломиран правник, вработена во МВР, професионалната определба не ѝ претставува никаков лимит да го изнесе тоа што го носи во себе и да го сподели со читателите.

Проф. д-р Венко Андоновски во неговиот критички осврт напиша: „…Убава е оваа треперлива поезија, поезија на илузионистичкиот миг за светот, особено кога во тој интеркултурен букет ќе се најде и цветот на личното чувство: бол, сочувство, чувство на соединување со светот како врвно божество од кое сѐ излегува и во кое сѐ се враќа и се слева, во согласност со источните мистични филозофии“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот