22 C
Скопје

Поетски меридијани: Чествување на Блаже Конески во УНЕСКО

Светскиот ден на поезијата, што Република Северна Македонија го одбележа во УНЕСКО во Париз, беше во знакот на меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а беа објавени и добитниците на „Златен венец“ на СВП и наградата „Мостови на Струга“.

Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, преку видеопорака се обрати на одбележувањето на овој голем јубилеј, што се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз. „Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето“, истакна претседателот Пендаровски. „Тој суптилно ни ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку е со свое значење и за светското поетско и мислечко наследство“, додаде Пендаровски.

Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот. Во текот на омажот, песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО: Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).

„Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата“, изјави амбасадорката на Северна Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.

Поезија од Конески на македонски јазик читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.

Во текот на настанот, Амбасадорката Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата и на наградата „Мостови на Струга“. Оваа година, Златниот венец ѝ припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019). Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на српскиот поет Владан Кречковиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 74, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 март 2021)

Поврзани вести

Џез-перспективи: Основањето на „ЗЏМ Рекордс“ дојде сосема природно

Тони Димков

Поздрав од Скопје: Десет дизајнерски приказни од „Шизик на ризик“

Тони Димков

Преведена литература: Два тома за македонските поезија и проза се објавени во Србија

Тони Димков

Проект „Превод во движење“ на „Готен“

Тони Димков

Интервју со писателката Румена Бужаровска: Расказот е форма во која сум вљубена

Тони Димков

Ѕидна уметност: Мурал како подарок од Кралството Холандија на Градот Скопје

Тони Димков

Остави Коментар