Поетска книга: Судбинска поезија од Раде Силјан

Збирката поезија „Што ќе речат нашите внуци“ од Раде Силјан, издание на „Матица“, е поетски ракопис од една почетна „Заветна песна“, четири циклуси со по седумнаесет песни („Сон или јаве“, „Умилкување“, „Заборавена одаја“, „Заблуди“) и една завршна песна како „Епилог“, антологиската „Песна до пријателите“, со порака дека чудни раце ќе ги отворат портите на заблудите и на надежите.

– Зад една привидна едноставност, со строга и стара подзаборавена македонска реч и мудрост, најновата поетска книга „Што ќе речат нашите внуци“, од реномираниот македонски поет Раде Силјан, содржи свесно избрана и со голема мудрост напишана густа, трослојна, длабоко-филозофска судбинска поезија свртена кон она што му се случило, што му се случува и што утре ќе му се случи на македонскиот народ и неговата татковина оставени на ветрометините на волнените времиња во овие човечки, но и кучешки години на опстој.

Пишувана е со срце кое крвари, со душа што лелека и гласно низ липтеж јачи и рида. Таа е згуснато трагична, мисловна поезија, дадена на увид на својот народ како тестамент во кој единствените тестаментални зборови упатени кон идните поколенија се: чувајте ги тапиите! Но и една силна песна како епилог „Песна до пријателите“, доверлива, но и отворена како огледало на која секој треба да си види лика. Барем денес, во време кога некој нѐ негира нас како народ, но и нашиот македонски јазик и писмо – напиша поетот Панде Манојлов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 50, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот