Поетска книга „Куќа од хартија“ на Гордана Каракашевска: За мене сè е поезија

Во четвртокот, на 12 мај, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје беше промовирана книгата „Куќа од хартија“ на Гордана Каракашевска, во издание на „ПНВ Публикации“.

Поетесата Гордана Каракашевска ја истражува „дуалноста меѓу светлината и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањата и заборавот, но и контрастите помеѓу јасноста и неодредените сеќавања и конечно, пишува за смртта како физички крај на сè што живее“.

– Во мојот живот поезијата има привилегирано место. За мене сè е поезија. Извор на поезијата е човековото срце. По мојата прва стихозбирка „Скршен поет и други поеми“ сосема природно, дури и неминовно, почнаа да настануваат песните од „Куќа од хартија“. Песните се родени од болка. Оттука, тема што се среќава во сите песни, во прв ред е темата за минливоста на времето, а со тоа и на човековиот живот, темата на разделбата, темата на чекањето и темата на осаменоста. Поезијата е уметност на суптилното. Животот е поголем од поезијата, но поезијата живее подолго од животот. Песните ги пишував последниве три-четири години и некои од нив се посветени на мојата мајка, која почина во 2018 година, зборуваат за загубата и празнината што останува по смртта и за физичката оддалеченост со татко ми. Затоа, „Куќа од хартија“ му е посветена на татко ми, со љубов и благодарност – потенцира Каракашевска.

Емпатијата, добронамерноста и сочувството со другите луѓе во секојдневието за мене е приоритет

Инаку, таа има објавено збирки со поезија и раскази, како и еден роман, а во тој контекст ја прашавме во каков свет сака да живее како автор.

– Емпатијата, добронамерноста и сочувството со другите луѓе во секојдневието за мене е приоритет. Сиот живот се водам од максимата: „Не го правете на другите тоа што не сакате да ви го прават вам“, верувам во тоа, верувам дека добро со добро се враќа. Би сакала да живеам во свет во кој свеста на луѓето, свесноста за другите луѓе, за животните, за природата и за животната средина ќе бидат на многу повисоко ниво. Сакам на идните генерации да им оставиме подобар свет, сакам да бидеме добар пример, да учат од нас, само така ќе веруваат во добрината – нагласува таа.

– Моја интимна борба е критичноста и самокритичноста надополнета со прашања, несигурност и сомневање во сè, но не во негативна конотација, туку како инспирација која води до нов, креативен процес. На крај, кај мене нема точка, туку секогаш прашање – Зошто?

Во животот на Каракашевска се преплетуваат љубовта кон сликарството и кон поезијата

Освен на македонски, Каракашевска пишува и на италијански, српски и англиски јазик.

– Италијанскиот јазик е мелодичен и има убава композиција, која доаѓа од совршената рамнотежа меѓу меките и тврдите гласови, страстен е и заводлив и при слушање ви го освојува срцето. Англискиот јазик има многу голем фонд на зборови и лесно можам да се изразам и да го постигнам посакуваниот ефект. Српскиот јазик е словенски јазик, зборовите се пишуваат како што и се изговараат, и секоја буква претставува еден глас. Но, најчесто пишувам на мојот мајчин јазик, на македонски јазик најдобро можам да се изразам – нагласува авторката.

Таа додава и дека пишувањето не е нејзиниот единствен интерес.

– Меѓу уметноста, овде конкретно мислам на сликарството, и литературата – пишувањето, не можев и не сакав да одбирам. Во мојот живот тие се испреплетуваат и се надополнуваат. Уште од најрана возраст, уметноста во целина ја перципирав како нешто што е битно за паметење, како нешто што останува зачувано за наредните поколенија. Влијанието на сликарството во поезијата и обратно, на поезијата во сликарството е евидентно во моите дела но, исто така, очигледна е и тенденцијата за создавање сопствен печат и надградба на уметничкото и поетско искуство. Исто така, многу ја сакам фотографијата. За мене таа е современа уметност што бара креативен пристап и богатство на имагинација. Многу ја почитувам, ценам и не пропуштам да ги посетам тековните изложби – откри Каракашевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот