Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Треба да ги направиме скандалозно ненормални односите меѓу нас, па „чичкото Сем“ да дојде на гости во Скопје и во Софија, да ни даде неколку листа хартија, ние да ги потпишеме и да го промовираме новиот „историски“ договор со кој за децении нанапред ќе се уредат добрососедските македонско-бугарски односи.

Многу пати сум истакнувал дека апсурдниот грчко-македонски спор околу употребата на нашето уставно име се реши под директен жесток притисок од страна на највисоката американска надворешна дипломатија, во моментот кога од двете страни на границата имаше премиери кои беа подготвени да влезат компромисно, со политичка храброст и без политички калкулации по својата политичка кариера (и двајцата по потпишувањето на Преспанскиот договор ја завршија, барем засега), со заемно прифатливо решение кое беше дочекано на „нож“ од емоционално-сензибилизираната јавност и во Македонија и во Грција. Се разбира, повеќето од македонските граѓани (особено етничките Македонци), овој Договор го сметаат за капитулантски и штетен по националните интереси, но ако направите истражување на генералното јавно мислење (кај етничките грчки граѓани), ќе видите дека и тие Преспанскиот договор го сметаат за предавство на грчките национални интереси. Помниме сите какви беа протестите и реакциите кога се потпишуваше и се имплементираше Договорот.

На Балканскиот Полуостров, кој произведува многу повеќе историја одошто што може да ја апсорбира, едноставно е невозможно балканските соседски држави да може да разговараат во цивилизиран тон, со европска и модерна дипломатска реторика и да се најдат на половина пат, решавајќи ги историските недоразбирања и несогласувања во името на европската иднина. Да беше поинаку, немаше да бидеме Балканци и немаше да сме на дното по индексот на вкупниот општествен и особено економски развој на најразвиениот континент во светот – Европа.

Нема минимални шанси за „помирување“

Ако извлечеме поуки од речиси тридеценискиот замрзнат грчко-македонски спор и колку (не)потребно време, енергија и истоштување ни однесе неговото „решавање“, ќе видиме дека не смееме да дозволиме истото да се повтори во новонастанатиот бугарско-македонски „спор“ околу интерпретацијата на македонската современа историја (до 1944 година), коренот на современата македонска нација и историскиот јазичен геном на современиот кодифициран и стандардизиран македонски литературен јазик. Бидејќи не постојат разумни меѓусебни контактни комуникациски односи во кои македонската и бугарската страна со ладни глави ќе може да рационализираат, да дискутираат и консензуално да се договорат, сметам дека одиме по врвицата на претворање на овој тотално измислен и апсурдно наметнат спор во еден замрзнат конфликт со години, под преттекст дека може да биде замрзнат и со децении.

Очигледно, освен новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, во целокупното бугарско политичко, научно-општествено, културолошко и медиумско милје, не наоѓаме соговорници и собеседници од таа страна на границата со кои може нормално во духот на европските цивилизациски норми да се разговара. Напротив, на површина излегоа сите примитивизми, простотилаци, балканизми во вордингот и во официјалниот говор и речник на официјалните бугарски политичари, со кој катадневно слушаме навредувачки, омаловажувачки и потценувачки изјави, почнувајќи од бугарскиот претседател Румен Радев, до Петковите коалициски партнери во неговото правителство (влада), во ликот и делото на предводниците на партиите БСП и Има таков народ, Корнелија Нинова и Слави Трифонов, до опозициските „пци“ кој го злоупотребија инструментот вето и како мираз во наследство му го оставија на Кирил Петков, почнувајќи од каракачановци, секогаш гласните герберски јастреби Андреј Ковачев и Екатерина Захариева, но и психонационалистите собрани околу надоаѓачкиот популаризиран нов политичар на бугарската политичка сцена Костадин Костадинов, лидер на ултрарадикалната партија „Преродба“.

Секој минимален опит, тенденција и маневарски простор за изнаоѓање на некое прифатливо решение со кое може да се направи пробив во односите помеѓу Македонија и Бугарија оваа бугарска „длабока“ држава како под команда на еден многу силен центар на моќ (читај: Кремљ, Москва) ги осуетува и ги минира. Имам чувство дека бугарската политичка елита како да сака и од петни жили се обидува да направи се возможно за да ја уништи Македонија во нејзините постоечки рамки, водејќи се од максимата на нивниот идолизиран историски лидер на ВМРО Иван Михајлов – „Македонија без Бугари во неа, огин да ја гори“. Тие не може да се помират и да гледаат дека на нивната југозападна граница постои суверена и независна држава со име Македонија, за некои напред Северна, со посебен македонски национално/етнички и јазичен супстрат, со историско-национален наратив кој е во чиста спротивност на бугарскиот и културошко духовно „ропство“ и благонаклонетост кон северните соседи Србите.

Оваа реалност која Бугарите ја гледаат од 1945-та е нивниот најголем кошмар што можеле да го замислат во нивната национална доктрина во разврските на македонското национално прашање кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога тие влегле во четири големи војни (денес изучувани како национални катастрофи во бугарскиот историографски образовен систем), за да ја осуштествуваат мечтата за Санстефанска Бугарија, „од Дунав до Белото Море, од Охрид до Црното“ и таму да ги распостелат бугарските национално/државни граници.

Доста е, крајно време е и ние „да лупнеме“ на масата!

И, што правиме со ваков  перцепциски светоглед на нештата и на настаните? Дали има простор и минимална шанса за напредок и консензус? Нормално дека не! Затоа, велам, време е да направиме „game change“, односно да го смениме нашиот добрососедски курс со европско соблазнување кога станува збор за наоѓање на „заемно прифатливо“ решение со Бугарите и да преповторуваме дека работиме во таа насока. Напротив: треба да ги радикализираме односите до точка на вриење, до предизвикување сериозен балкански скандал преку растурање како „бугарска скупштина“ на онаа карикатурална (не)постоечка историска мешовита комисија која повеќе од пет години се состанува за ништо. Ако сакате можеме да одиме и чекор понатаму: да го протераме бугарскиот амбасадор и да го повлечеме нашиот од Софија. Да ги замрзнеме целокупните политичко-стопански, економско-трговски и секаков друг вид односи. Ма, да функционираме како што „функциониравме“ со Грците од 1991-1995 година до потпишувањето на „времената спогодба“, кога нормално Американците се вклучија за, колку-толку, да ги „нормализираат“ ненормалните односи помеѓу две европски земји. Да резимираме и да заклучиме: доста глумиме и се преправаме дека ова се нормални односи на две земји членки и партнерки на НАТО и две земји кои претендираат да станат партнерки во Европската Унија во иднина. Сè додека се „занесуваме“ дека на овој начин со фина реторика и во завиена европска обландирана дипломатија ќе го решиме „проблемот“, ние ќе си останеме блокирани на нашиот пат кон ЕУ. Бугарските политички елити ќе ликуваат и ќе бидат задоволни, додека нашето општество ќе имплодира. Конечно треба до „даска“ да ги направиме скандалозно ненормални односите меѓу нас, па сериозно „чичкото Сем од преку барата“ да го вклучи црвениот аларм и да ни дојде на гости во Скопје и во Софија, да ни даде неколку листови хартија напишани се разбира од  високата американска дипломатија, ние без преговорно да ги потпишеме и се разбира да излеземе заедно на Дојранското Езеро и да го промовираме новиот „историски“ договор со кој за децении нанапред ќе се уредат добрососедските македонско-бугарски односи. Друг пат и начин јас не гледам. И тоа нашата Влада, како нова „дипломатија“ на Македонија, треба да го направи и спроведе час поскоро. Онака како што лидерот на опозицијата ги бара предвремените парламентарни избори. Говорам за првиот човек на Владата, ако не сака да му се случат час поскоро и да биде  најкратко владејачки премиер, во кусата парламентарна историја на Македонија после Хари Костов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот