ВИДЕО | Подметнат пожар во зградата на весник и радио во Атина

Фото: МИА

Импровизиран експлозивен механизам, веројатно е причината за пожарот во зградата на групацијата „Риал“ во северниот дел на Атина, каде што се наоѓаат канцелариите на весникот „Риал њуз“ и радиото „Риал ФМ“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, пожарот избувнал околу три часот утрово на третиот кат од зградата, а една вработена била спасена од пожарникарите и со проблеми со дишењето, превентивно била пренесена во болница.

Противпожарната служба интервенирала со 18 пожарникари и шест возила, а два часа подоцна пожарот бил изгасен.

Сопственикот и новинар Никос Хаѕиниколау на неговиот твитер-профил напиша дека пожарот бил подметнат и се слушнале три експлозии, додека пак, според медиумите, по гаснењето на пожарот биле пронајдени остатоци од импровизиран експлозивен механизам.

Портпаролот на грчката влада Јанис Иконому рече дека „подметнување пожар во канцелариите на ‘Риал груп’ е чин за осуда“ и додаде дека „секој што мисли дека на овој начин ќе ѝ наштети на слободата на медиумите се лаже“.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот