Подигнати пешачки платоа за побавен сообраќај пред училишта и градинки

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Општина Центар најавува и ново сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец“ и апелира  до граѓаните за трпение и разбирање додека траат градежните работи.

Општина Центар почнува да воведува нови сообраќајни решенија на неколку локации на својата територија. Во тек е изведбата на три издигнати пешачки платоа за смирување на сообраќајот што се одвива во зона на детските градинки и општинските основни училишта.

Трите издигнати пешачки платоа, како што информираат од Центар, се изведуваат на улиците „Никола Тримпаре“, „Апостол Гусларот“ и улицата „9 Мај“, во непосредна близина на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, матичниот објект на градинката „13 Ноември“ и клонот „Наум Наумовски Борче“ на градинката „Кочо Рацин“.

– Покрај овие три, дополнително ќе бидат изведени уште шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата што престојуваат во градинките и посетуваат настава во основните училишта. Покрај изведбата на деветте платоа, Општина Центар на локациите ќе постави нова вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација – велат од Центар.

Оттаму објаснуваат дека овие зафати се изведуваат со целосна сообраќајна проектна документација, одобрена од СВР Скопје и Град Скопје, како надлежни институции за оваа проблематика.

Изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и времена измена на сообраќајот. Поради тоа од Општината апелираат  до граѓаните за трпение и разбирање додека траат градежните работи, заради што поскоро завршување на изведбата и пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа.

Општина Центар најавува и ново сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец“. Поради оштетувањата на знаците, по десет години во тој реон ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

– Со поставувањето на новиот сообраќаен режим, ќе се олесни движењето на сите учесници во сообраќајот во овој дел од Центар, ќе се подобри ориентацијата и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и корисниците на алтернативните видови на сообраќај – велат од Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот