Подготовки за избори: Партиите на терен, ќе се гласа на отворено

Фото: Архива

Во пресрет на евентуалната нова лидерска средба од владејачката коалиција предводена од СДСМ, велат дека нема отстапки од избори на 5 јули, бидејќи на државата и се потребни функционални институции.

Неофицијално власта веќе почнала да ги разгледува и опциите како ќе се гласа на изборниот ден. Една од нив е продолжување на времето за гласање за два до три часа, поради безбедноста на граѓаните. За реализирање на ваквата можност во игра се две опции, или владата да донесе уредба или пак решението да го понуди спикерот Талат Џафери.

Од коалицијата „Можеме“ велат дека ќе мора да научиме да живееме со корона вирусот. Додаваат дека нема разлика по безбедноста на граѓаните при гласањето на парламентарните избори, од пазарењето во маркетите или чекањето на ред за во банка. Доколку се користат средства за заштита, маски, ракавици, средства за дезинфекција, здравјето на граѓаните е сигурно. Според нашите извори 90 отсто од гласачките места се наоѓаат во училишта кои имаат дворови. Тоа би можело да биде олеснителна околност гласањето да се реализира и надвор.

Во меѓувреме партиите се на терен. И власта и опозицијата одржуваат средби со граѓани, но делат и помош во храна и средства за заштита од коронавирусот. Институциите се оградуваат од предвреме започнатата кампања.

Денеска од ДКСК рекоа дека нивната надлежноста започнува во периодот кога официјално стартува изборната кампања. А тоа значи 20 дена пред одржување на денот на гласањето. Надлежностите на антикорупционерите биле повеќе во насока дали одговорните лица во институциите ги злоупотребуваат своите овластувања во користење на ресурсите на државата, за започнување на капитални инвестиции или исплати, вработувања итн.

– Активности на одредени партии во давање на хуманитарна помош во изборен период е неблагодарна работа. Дали да се земе како помош или како суптилен начин на купување на гласови. Меѓутоа ДКСК нема надлежност во санкционирање на овие појави. Нашите надлежности се во делот на следењето на законското и одговорното користење ана државните ресурси. Сепак ова се средства за кои самите партии одлучуваат на кој ќе ја дадат оваа помош, вели Катица Николовска од Државната антикорупциска комисија.

Неодамна и од ДИК посочија дека немаат надлежност да го санкционираат ваквото однесување на политичките партии, бидејќи се она што го гледаме како граѓаните е дневна партиска политика за која ДИК нема надлежности.

Членот на ДИК од редовите на СДСМ, Борис Кондарко рече дека надлежноста на ДИК за следење на партиите започнува со официјалната кампањата а тоа е 20 дена до изборниот ден.

„Она што според Изборниот законик е предвидено и санкционирано во член 69 – а став 1, е дека не е дозволено единствено промоција на кандидатите и нивните програми во врска со изборите. Таква работа досега немало. Доколку има ние имаме рок за постапување од 72 часа. Дневниот политички вокабулар на партиите е сосема нешто друго и немаме надлежност да се мешаме или да навлегуваме во политичкото дејствување на партиите, рече Кондарко.

Денеска на тема предвремена изборна кампања се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Започнаа од СДСМ со изборна кампања, делење флаери, одење на терен, и претседателот на партијата кому половина партија му е во карантин, наместо да излезе со предлог мерки за заштита на граѓаните и да спасиме човечки живот повеќе, единствено нешто што научил како грамофонска плоча да го повторува избори па избори, рече Мицкоски.

И од СДСМ со обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ води црна изборна кампања исполнета со лажни вести. Според портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, со сите сили се обидуваат да ја држат земјата во неизвесност.

-Наместо да помага, Мицкоски постојано одмагаше и преку лажни вести се обидуваше да ја вознемирува јавноста. Прво лажеше дека имало само 100 теста за коронавирус, потоа дека 140.000 граѓани останале без работа. Иако овие лаги беа демантирани од страна на институциите, Мицкоски не престана со ширење лажни вести. Згора на се, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, дозволи непочитување на мерките и препораките и го загрози здравјето на граѓаните. Овие денови ги гледаме последиците од оваа неоговорност, имаме нов број заразени од вирусот, рече партискиот портпарол на СДСМ Костдин Костадинов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот