Подгорица ја повикува ЕУ напомош за една милијарда долари кинески кредит

BEIJING, Oct. 21, 2018 The Moracica bridge of Montenegro's first highway is under construction in a place about 14 kilometers north of capital Podgorica Sept. 22, 2018. jmmn),Image: 389711245, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Wang Huijuan / Zuma Press / Profimedia

Министерот за финансии на Црна Гора вели дека помошта на ЕУ за Црна Гора во отплатата на долгот кон Кина би била „мала, но лесна победа“ за Брисел

Црна Гора побара помош од ЕУ за исплата на кинескиот заем од 1 милијарда долари за нецелосен проект за автопат што ги загрози финансиите на малата западнобалканска држава. Сагата за нецелосниот проект за патишта, што ја гради Кинеската корпорација за патишта и мостови, е дел од поголема геополитичка битка за влијание врз периферијата на ЕУ. Како Брисел ќе одреагира на барањето на Подгорица – и дали тоа ќе ја спаси земјата од проектот што долго време се сметаше за неиздржан – ќе помогне во обликувањето на односите на европскиот блок со целиот балкански регион.

„Црна Гора е доволно мала, така што треба да биде лесна одлуката“ за ЕУ ​​да помогне во рефинансирање на заемот, изјави во интервју за „Фајненшл тајмс“ Милојко Спаиќ, министер за финансии на Црна Гора. „Ова е мала, но лесна победа за нив. ‘Овошје’ што лесно може да се набере“, додаде тој.

Стефан Владисављев, аналитичар за надворешна политика на белградскиот тинк-тенк Фонд за политичка извонредност, вели дека „ова е првпат Црна Гора или која било друга земја од Западен Балкан да направи ваков вид на пристап кон Брисел за борба против растечкото кинеско влијание“. „Не сме слушнале дека некој толку отворено го замолил Брисел да се бориме заедно“.

Потпрени врз Кина

Црна Гора предизвика негодувања кога во 2014 година го потпиша договорот со кинеската „Ексим“ банка за финансирање на 85 проценти од цената на патот со заем вреден скоро една милијарда долари. Првата делница од 41 километар, четвртина од вкупната должина, чинеше 20 милиони евра за километар, што го прави тоа да е еден од најскапите автопати по километар во светот, изјави Спајиќ.

„За инфраструктурата, во моментов се потпираме врз Кина. Ситуацијата е драматична од геополитичка гледна точка“, вели министерот, додавајќи дека нејзината важна туристичка индустрија се потпира врз посетители од земји што не се членки на ЕУ, како што е Русија. „Ние треба да се поврземе поблиску до нашите сојузници во ЕУ. Потребно ни е усогласување со економијата.“

Црна Гора, која стана независна држава кога се оддели од Србија во 2006 година, се приклучи на НАТО во 2017 година, и покрај силните приговори од Москва. Русија традиционално е голем инвеститор во Црна Гора, а Подгорица се надева да добие зелено светло за влез во ЕУ до 2024 година.

Спаиќ вели дека владата ќе побара финансиска помош од низа западни организации, вклучувајќи ги Европската комисија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Стабилен продор

ЕУ искажа подготвеност да помогне, но официјален претставник на Комисијата оцени дека ќе биде тешко да се најдат соодветни финансиски инструменти, задача отежната бидејќи патниот проект е скоро завршен. „Политички, сакаме да помогнеме. Но, големината на заемот е непропорционална со големината на економијата, така што ‘полугите’ сè уште не се очигледни.“ Црна Гора исто така ќе треба да се посвети на фискалните реформи, додава бриселскиот функционер, истакнувајќи дека проектот за автопат не одговара на стандардите на ЕУ.

Пекинг направи стабилен продор на Балканот преку инфраструктурни и енергетски проекти, а од неодамна и неговата „вакцинална дипломатија“ е во функција на пандемијата ковид-19. Кина донираше 30.000 дози вакцини Синофарм на Црна Гора и продаде неколку милиони на Србија.

„Кина е на прагот да стекне вистинско влијание врз политичкиот избор, политичките ставови и наративите во некои делови на Западен Балкан“, пишува Европскиот совет за надворешни односи во извештајот во февруари.

ЕУ и геостратегијата

Договорот за изградба на автопатот беше потпишан од претходната влада на Црна Гора предводена од Демократската партија на социјалистите, која беше симната од власт минатиот август, по 30 години владеење. Две одделни физибилити студии, во 2006 и 2012 година, заклучија дека автопатот е економски неиздржан. Владата на социјалистите, исто така, потпиша договор вреден 54 милиони евра со црногорско-кинески конзорциум за изградба на термоцентрала, непосредно пред да ги изгуби ланските избори.

Кина држи една четвртина од долгот на Црна Гора, а и покрај големите доцнења во изградбата на автопатот, отплатата на првата рата достигнува овој јули. Доколку Црна Гора не ја плати таа транша од кредитот, условите од договорот ѝ даваат на Кина право да добие пристап до големи површини земјиште во Црна Гора како залог за кредитот.

Новата црногорска влада, којашто претставува коалиција на сили спротивставени на ДПС со тенко мнозинство, ја презеде власта во декември. Таа се соочува со низа предизвици, вклучувајќи го и фактот дека економијата што е зависна од туризот, според ММФ, во таа гранка опадна за 15 проценти минатата година.

Покрај тоа, Спајиќ вели дека Подгорица разговара со Пекинг за уште еден заостанат долг вреден 127 милиони евра.

Набљудувачите велат дека молбата на Црна Гора е можност за Брисел. „ЕУ треба да влезе [во проектот]“, оценува Тена Прелец од Универзитетот во Оксфорд, која го проучува регионот. „Црна Гора е во дворот на ЕУ: тоа би бил, конечно, конкретен начин да се покаже дека ЕУ е навистина играч, вистински геостратегиски актер“.

 

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (17-18 април 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

По патот на пропаста?

Веднаш северно од заспаниот главен град на Црна Гора, Подгорица, работниците дупчат два патни тунела во планините што ѝ го даваат името на земјата. Работата е макотрпна – и спорна.

Автопатот, на крајот наменет за поврзување на јадранското пристаниште Бар со главниот град на Србија, Белград, беше симбол на желбата на Црна Гора да изгради држава дури и пред да прогласи независност во 2006 година. Но, проблематичната изградба на тој патен правец стана пример за спорните кинески инвестиции по рабовите од ЕУ како стапиците за финансирање на големи инфраструктурни проекти со заеми од Пекинг.

Задолжувањето на црногорската влада од Кина за финансирање на цената на патот, проценето на 1,3 милијарди евра, го дигна долгот на земјата од 63 проценти од бруто домашниот производ во 2012 година на скоро 80 ​​проценти. Доколку Црна Гора не го исплати кредитот, условите на нејзиниот договор за заемите дури и даваат на Кина право да пристапи до земјиштето на Црна Гора како залог.

„Оваа кинеска инвестиција може да биде навистина опасна за Црна Гора и никој не се грижи многу за тоа во нашата земја“, вели Милка Тадиќ Мијовиќ, директор на Центарот за истражувачко новинарство со седиште во Подгорица, кој произведе документарец за автопатот.

Кинеските инвестиции на Балканот се слават во неделата кога Ли Кечијанг, премиерот на Кина, присуствува на самитот во Хрватска со 16 источноевропски лидери. Премиерот Ли, пред неговото патување изјави дека неговата земја се обидува да ја „развие понатамошната соработка“ на континентот.

Но, некои дипломати во Брисел и влијателните земји членки на ЕУ долго време се загрижени дека Кина се обидува да го користи таканаречениот формат „16+1“ како Тројански коњ за да ја подели ЕУ и да ги ослаби ранливите балкански земји. Пекинг негира таква намера. Собирот „16+1“ доаѓа неколку дена по самитот на ЕУ со Кина во Брисел, додека Европа се бори да развие кохерентна стратегија за спротивставување на кинеските амбиции на континентот.

Иако средствата нагло опаднаа последниве години, Пекинг делеше заеми на Балканот, од кои скоро 70 проценти од инвестициите од 15,4 милијарди евра од 2012 година, се доделени на пет држави што не се членки на ЕУ.

Во случајот на Црна Гора, економската логика на проектот за автопатот е напната – како и финансиските последици за земјата. Автопатот го гради Кинеската корпорација за патишта и мостови, и е 85 проценти финансиран од заем деноминиран од долари од страна на кинеската „Ексимбанк“. Првата, 41 км долга фаза од проектот, со 20 мостови и 16 тунели низ непристапен планински терен, чинеше 20 милиони евра за еден километар пат.

ММФ во својот неодамнешен извештај за Црна Гора процени дека ако автопатот не беше изграден, односот долг-во-БДП на Црна Гора ќе се намали на 59 проценти од БДП во 2019 година, наместо да се искачи на 78 проценти.

„Проектот на автопатот и начинот на кој се финансира ја доведоа Црна Гора за прв пат во состојба на дефицит, повисок од стандардите на ЕУ, ограничувајќи го идниот простор за финансиски маневрирања на владата“, вели еден западен официјален претставник во Подгорица.

Дури и следните 80 километри од автопатот се неизвесни, бидејќи владата не може понатаму да се задолжува, а Србија го одложи градењето на соодветната делница од другата страна на границата.

Според студијата од 2018 година на Центарот за глобален развој, американски тинк-тенк, овој проект ја става Црна Гора во несреќното друштво со Џибути, Монголија и Таџикистан и уште четири други земји кои „би можеле да страдаат од должнички проблеми поради иднината поврзана со кинеско финансирање“.

Црна Гора двапати се обиде и не успеа да обезбеди европско финансирање на проектот. Две физибилити студии спроведени од меѓународни консултантски компании, разгледани од „Фајненшл тајмс“, покажаа дека автопатот нема да има доволно сообраќај за да ги оправда трошоците. Студиите, направени од француската компанија Луј Бергер во 2006 година за потребите на црногорската влада и од американскиот консултант УРС во 2012 година за потребите на Европската инвестициска банка, никогаш не биле објавени во јавноста. Кога црногорскиот парламент гласаше во декември 2014 година за одобрување на кинескиот заем, студиите не им беа ставени на располагање.

Проектот е договорен без отворен тендерски процес, а ги ослободи Кинезите и сите нивни подизведувачи од плаќање ДДВ и царински давачки. Секоја арбитража, пак, ќе се спроведе според законите на Кина.

„Неверојатно е дека се согласивме на сите овие одредби“, вели Дејан Миловац, заменик директор на МАНС, надзорно тело со седиште во Подгорица, критикувајќи го недостатокот на транспарентност и штетата врз животната средина при изградбата на автопатот.

Филип Вукотиќ, член на парламентот од владејачката Демократска партија на социјалистите, на неодамнешната јавна дискусија рече дека грешките – како што е заборавувањето да се вклучат приклучните патишта кон автопатот во договорот – се неизбежни, бидејќи Црна Гора требаше да дејствува брзо за пристап до кинескиот заем. „Ако чекавме [за работи како што е проценка на животната средина] сигурно немаше да започнеме да го градиме автопатот и веројатно ќе ја изгубевме шансата да пристапиме до овие евтини средства од Кина“, рече Вукотиќ. Тој оцени дека автопатот е од стратегиски интерес на Црна Гора и тврди дека невладините организации финансирани од запад се охрабруваат да најдат грешка во него како дел од натпреварот со Кина.

Преземено од ФТ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот