Подемот и падот на Карлос Гон – еден од најмоќните менаџери во автомобилската индустрија

Фото: Профимедиа

Во 2014 година, Гон заработувал повеќе од 15 милиони долари годишна плата од двата произведувачи на автомобили. Во меѓувреме, „Рено Нисан“ купиле удел и во „Мицубиши“, па тој станал претседател и на таа компанија.

Во 2018 година Карлос Гон беше еден од најмоќните светски раководители во автоиндустријата. Како шеф на „Рено Нисан Мицубиши“, бизнисменот роден во Бразил и едуциран во Франција, ја надгледуваше продажбата на возила во вредност над 243 милјарди долари. Попатно, Гон го доби прекарот „Убиец на трошоци“ поради спасувањето на повеќе неуспешни автомобилски претпријатија, пишува српски „Блиц“.

Но, овој 65-годишен бизнисмен повеќе не е угледен космополит и шеф, туку меѓународен бегалец, откако успеа да побегне од домашниот притвор во Јапонија, каде го чекаше судење под обвинение за финансиски злоупотреби, затајување на данок и злоупотреба на имот на својата компанија.

Гон категорично ги негираше сите наводи уште од неговото прво апсење во ноември 2018 година.

Брз подем

Откако дипломирал на некои од најелитните француски универзитети за инженерство, Гон се придружил на францускиот произведувач на пневматици „Мишелин“. Таму напредувал од ниските менаџерски позиции до позицијата на „лидер на истражувањето“, а на крајот добил и задача да го поправи работењето на компанијата во Јужна Америка и да го реконструира северноамериканското одделение.

Угледот набрзо го донел до позицијата на генерален директор на „Рено“, кога францускиот произведувач е приватизиран во 1996 година.

– Во рок од две години „Рено“ се опорави со рекордни добивки – рекоа истражувачите од Универзитетот во Ковентри.

Заштедата на трошоците со помош на поедноставување на производството и воведувањето на трета производна смена му помогнало на произведувачот на автомобили да направи доволно профити за да купи 37 отсто во компанијата „Нисан“ на крајот на деценијата.

Астрономска плата

По потпишувањето на договорот, бруто маржата на „Нисан“ пораснала вртоглаво, пред светската финансиска криза да зададе удар и врз автомобилските компании. Дури и во моментите кога светската економија се борела да се опорави, профитите на „Нисан“ растеле. Сојузот на „Нисан“ и „Рено“ дополнително се засилил за време на 2010-тите години, а платата на Гон целовремено се зголемувала.

Во 2014 година, Гон заработувал повеќе од 15 милиони долари годишна плата од двата произведувачи на автомобили. Во меѓувреме, „Рено Нисан“ купиле удел и во „Мицубиши“, па тој станал претседател и на таа компанија.

Во споредба со останатите извршни директори во автоиндустријата, платата на Гон била астрономска, а во изминатите години повисока плата единствено имаше директорката на „Џенерал моторс“, Мeри Бара.

Оддалеченоста меѓу седиштата на двете компании на различни контитенти значело и дека Гон често користел приватен авион на компанијата „Нисан“, а потоа е откриено дека и тука тој вршел одредени злоупотреби.

Затајување на данок и злоупотреби

Гон во 2017 година изнесе храбар план, најавувајќи „нова пресвртница“ за сојузот на трите компании.

– Се очекува дека нашата вкупна годишна продажба ќе биде поголема од 14 милиони автомобили, што до крајот на планот ќе донесе приходи од 240 милијарди долари – рече тогаш Гон.

Но, од тој план засега нема ништо. Имено, Гон е уапсен во Токио заедно со директорот на „Нисан“ Грег Кели, поради обвиненија дека злоупотребил пари на компанијата и затаил данок.

Во меѓувреме, откриено е на што сѐ трошел пари од компанијата.

Како што соопшти обвинителството, 65-годишниот Гон во пет наврати го намалил пријавениот износ на заработка од 2011 до 2015 година.

Тој во даночната служба во тој период пријавил сума од 4,9 милјарди јени (околу 44 милиони долари), иако заработил 10 милијарди јени. Властите го обвинуваат Гон и дека имотот на компанијата го користел за лични цели. „Нисан“ најави дека Гон ќе биде отпуштен поради тоа што интерната истрага покажала оти тој затајувал данок и се однесувал „несоодветно“.

Компанијата наведе дека интерната истрага траела неколку месеци и дека е започната по дојави.

Гон наводно искористил околу 18 милиони евра од компанијата за да купи куќи во Париз, Рио де Жанеирио, Амстердам и Бејрут, пишува „Дејли меил“. Се верува дека фирмата му купила и луксузен стан во едно предградие на Париз. Станот кој го поседува во Бразил се наоѓа во најскапиот дел на Рио и е на цел спрат од зграда. Неговиот стан во Токио, вреден повеќе од три милиони долари, веќе бил претресен од полицијата.

Побегнал во кутија за музички инструмент?

Од апсењето, една година помина во домашен притвор, сѐ до понеделникот. Во својот дом беше под 24-часовен надзор, па сите се прашуваат како тој успеал да побегне.

Теориите за тоа како Гон наводно успеал да ги насамари властите, започнати се откако тој потврди дека безбедно стигнал во Либан, земја која нема договор за екстрадиција со Јапонија, што го отежнува неговото судење. МТВ, либански телевизиски канал, извести дека Гон најверојатно се сокрил во голема кутија за носење на музички инструменти, откако еден бенд свирел во неговиот дом во Токио за време на празнична забава.

Наводно, во бегството му помогнала и сопругата, но телевизијата не наведе никакви извори за оваа теорија за бегството на Гон.

Потоа, како што пренесуваат медиумите, Гон го чекал приватен авион со кој одлетал до Истанбул. Оттаму, највројатно, тој се упатил на лет кон Либан.

Според други извештаи, Гон, кој има повеќе меѓународни пасоши и куќа ви Либан, можеби ги избегнал властите користејќи фалсификувани документи и лажен индентитет.

Во меѓувреме, Јапонија издаде црвена потерница за него. Либанскиот министер Алберт Серхан за „АП“ рече дека обвинителството ја примило потерницата, која стигнала четири дена откако Гон од Јапонија побегнал во Либан. Тој се уште не е виден во јавноста.

Црвената потерница на „Интерпол“ значи меѓународен налог за апсење, а Серхан вели дека либанското обвинителство ќе ги „исполни своите обврски“, наговестувајќи дека Гон би можел да биде приведен на сослушување.

Серхан, меѓутоа, укажа и на тоа дека Либан и Јапонија немаат договор за екстрадиција, со што се отфрла можноста Бејрут да го испорача Гон во Токио.

Поради можна вмешаност во неговото бегство во Турција, уапсени се седум лица, меѓу кои и четири пилоти, под сомнение дека тие го пренесувале бизнисменот-бегалец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот