Подеми и падови во односите на Путин со американските претседатели

 Рускиот претседател Владимир Путин, кој денеска првпат имаше средба со Џо Бајден, забележа подеми и падови во односите со петте американски претседатели со кои беше во контакт од доаѓањето на власт кон крајот на 1999 година.

Самиот Џо Бајден покажа голема цврстина кон својот руски колега откако ја презеде функцијата во Белата куќа во септември.

Франс прес и БТА накратко потсетуваат на историјата на односите на Путин со американските претседатели.

Бил Клинтон: Товарот на Косово

Контактите меѓу Борис Елцин и неговиот американски колега Бил Клинтон беа топли, иако малку засенети од плановите за проширување на НАТО кон исток; сепак, војната во Косово го уништи медениот месец по Студената војна.

Кога Елцин поднесе оставка на 31 декември 1999 година, Вашингтон веќе беше сомничав кон неговиот наследник, Владимир Путин. Тој е „тврд човек (…), многу решителен човек на дело”, рече на 2 јануари американската министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт и додаде: Ќе мора многу внимателно да ги следиме неговите постапки.

Меѓутоа, на првиот самит Клинтон-Путин во јуни 2000 година, Американецот јавно го пофали Русинот како претседател способен да гради „просперитетна и силна Русија, зачувувајќи ги слободите и владеењето на правото”

Џорџ Буш: Од другарство до недоверба
По нивниот прв состанок на 16 јуни 2001 година, Џорџ Буш рече дека го погледнал рускиот претседател во очи: „Ја почувствував неговата душа – душата на човекот длабоко посветен на својата земја (…) Мислам дека тој е извонреден водач”.

Веднаш по нападите на 11 септември 2001 година, Владимир Путин, кој ја започна втората војна во Чеченија, му ја понуди на претседателот Буш својата солидарност во „војната против тероризмот”.

Затишјето беше кратко: во декември 2001 година, Вашингтон се повлече од договорот од 1972 година за ограничување на системите за противракетна одбрана за создавање ракетен штит во Источна Европа, критикуван од Москва.

Во 2003 година, Москва ја осуди американската инвазија во Ирак, а една година подоцна го осуди влијанието на Вашингтон врз „Портокаловата револуција” во Украина.

Барак Обама: неуспешно „рестартирање”

Во 2009 година, претседателот Обама го започна концептот за „рестартирање” на односите. Една година порано, Владимир Путин стана премиер на претседателот Дмитриј Медведев, неговиот штитеник.

Непосредно пред неговата прва посета на Русија во јули 2009 година, претседателот Обама рече дека Путин е „со едната нога во стариот начин на управување, а со другата на новиот”.

– Она што ме интересира е да разговарам директно со мојот колега, претседателот, рече Американецот во Москва.

И покрај првичните успеси, особено потпишувањето на новиот договор за нуклеарно разоружување во 2010 година, овој обид набрзо пропадна. Во август 2013 година, Москва му додели политички азил на американскиот бегалец Едвард Сноуден. Неколку дена подоцна, Обама го откажа самитот со претседателот Путин, изразувајќи жалење за враќањето на „менталитетот од Студената војна”.

Украинската криза од 2014 година – припојувањето на Крим кон Русија и усвоените економски санкции против Москва, потоа руската инвазија во Сирија во 2015 година, дополнително ги нарушија билатералните односи.

Доналд Трамп: духот на „руската афера”

Како претседателски кандидат, Доналд Трамп вети дека ќе ги врати добрите односи со Русија.

Откако беше избран за претседател, неговиот мандат беше извалкан од обвинувања дека Русија се мешала во гласањето. На прес-конференција со Владимир Путин во јули 2018 година, тој остави впечаток дека им дава поголема тежина на демантите на неговиот руски колега отколку на заклучоците на ФБИ.

– Еве, претседателот Путин само што рече дека не е Русија (…) И не гледам зошто да е таа, рече тој.

Соочен со остри реакции што го потресоа дури и неговиот републикански табор, тој рече дека не се изразил добро.

– Му се допаѓам на Путин и тој мене. Добро се сложуваме,, рече Трамп во септември 2020 година за време на предизборен митинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот