Поддршката на ЕУ за владеење на правото во земјите од Западен Балкан под лупа на Европскиот суд на ревизори

Европскиот суд на ревизори деновиве ја оценува ефективноста на ЕУ мерките за поддршка на владеење на правото во земјите од Западен Балкан. Проверката се извршува во четири земји кандидати за членство во ЕУ – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија и двете земји потенцијални кандидати – БиХ и Косово.

Целта на ревизијата, која штотуку започна, е да утврди колку ефективни биле мерките за зајакнување на владеење на правото на Западен Балкан. Ревизорите особено испитуваат дали поддршката на ЕУ за владеење на правото била соодветно дизајнирана, дали била добро искористена за решавање на клучните идентификувани прашања и дали резултирала со конкретни и одржливи подобрувања, во согласност со стандардите на ЕУ.

Како што се наведува во соопштението од Судот, владеење на правото е фундаментална европска вредност. Иако ЕУ нема формална дефиниција, под ова генерално се подразбираат шест принципи: еднаквост пред законот, правна сигурност, поделба на власта, независни и непристрасни судови, транспаретна и демократска законска процедура и ефективна судска ревизија. Зајакнувањето на владеење на правото е суштински поврзано со борбата против корупцијата. Ова е, исто така, клучен услов за економски развој.

Во соопштението се наведува дека за приклучување во ЕУ, кандидатите мора да ги демонстрираат нивните капацитети за прифаќање на обврските што ги наметнува членството во ЕУ, што е предвидено со Копенхашките критериуми од 1993 година. Првиот од нив е поврзан со постоење на развиени и стабилни институции што ќе ја гарантираат демократијата, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на етничките заедници. Брзината на пристапните преговори во голема мера зависи од постигнатиот напредок во оваа област.

– Владеење на правото е предуслов за кој не може да се преговара за членство во ЕУ. Сепак, земјите од Западен Балкан сè уште се соочуваат со прашања во врска со корупцијата и со функционирање на нивните институции кои го попречуваат нивниот пристап во ЕУ, рече Јухан Партс, член на Европскиот суд за ревизори одговорен за ревизијата.

Според Партс, ревизијата ќе испита дали ЕУ навистина им помага на земјите да постигнат напредок на овие полиња, така што наскоро ќе бидат на пат да влезат во Унијата.

Односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан се одвиваат во рамките на познатиот „процес на стабилизација и асоцијација”. Поддршката за владеење на правото главно се одвива преку политички дијалог, како и финансиска и техничка помош за да се помогне во спроведување на потребните реформи. За периодот 2014-2020, ЕУ издвои околу 700 милиони евра за Западен Балкан, како поддршка на владеење на правото и фундаменталните права, што претставува 16 отсто од билатералната помош на ЕУ за овие земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот