Поддршка за Македонија, осуда за Франција во Европскиот парламент

Македонија вечерва доби речиси неподелена поддршка од најголемите политички групации во Европскиот парламент за почеток на преговорите со Европската Унија, јави „ДВ“.

Ветото на Франција на Самитот на ЕУ претходната недела, во Европскиот парламент предизвика повеќе пратеници остро да го критикуваат и побараа итна промена на одлуката. Францускиот претседател, Емануел Макрон, сепак имаше и сојузници во ЕП кои ја поддржаа неговата одлука.

Финската шефица на дипломатијата, Тути Тупураинен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, рече дека е длабоко разочарана што немаше согласност за проширување во Европскиот совет.

– Ова е назадување за улогата на ЕУ на Западниот Балкан и за проширувањето како стратешка инвестиција во мирот и стабилноста. Подготвени сме повторно да се вратиме на прашањето. Многу е важно двете земји да продолжат со реформи, затоа што истото ги очекуваат и граѓаните – рече финската министерка за надворешни работи.

Еврокомесарот за проширување. Јоханес Хан, ја повтори критиката дека лидерите на ЕУ не успеале да си го исполнат ветувањето.

Осуда на одлуката на Европскиот совет пристигна од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија.

– Тоа испраќа ужасен геополитички сигнал кој е спротивен на интересите на ЕУ. Не можеме да чекаме до самитот во Загреб, мораме веднаш да реагираме – рече Ковачев.

Тој сепак го искористи моментот да се пожали на бавната имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.

И грчката европратеничка Марија Спираки од владејачката Нова демократија изрази поддршка за европската перспектива на Македонија и Албанија, потенцирајќи го Преспанскиот договор како позитивен пример.

За социјалдемократката Кати Пири одлуката на Самитот во Загреб ќе биде предоцна. За голема политичка храброст го зема за пример Преспанскиот договор.

– Но токму таа храброст ја немаа европските лидери, поточно Макрон, не покажа лидерство и политичка храброст. Овој неуспех го нарушува имиџот на ЕУ на Западниот Балкан – рече Пири

Европратеникот на Зелените, Рајнхард Бутикофер, на Макрон му порача да ја исправи грешката.

– Господине Макрон вие сте изолирани, но Европскиот парламент сака да изгради мост кон вас. Треба да знаете дека ќе помогнеме во реформата на преговарачкиот процес, но ве молам исправете ја грешката која ја направивте да ги оставите Северна Македонија и Албанија надвор, додека се реформираме внатре – рече Бутикофер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот