Поддршка од Словачка за почеток на преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ

Словачка јасно и недвосмилено го поддржува членството на земјава во ЕУ и се надева дека преговарачката рамка на Северна Македонија со Унијата ќе биде усвоена за време на португалското претседателство, односно во текот на првата половина од оваа година. Во исто време, властите во Скопје остануваат посветени на изнаоѓање решение за разликите со Бугарија, додека 69 проценти од населението во земјата го поддржуваат зачленувањето во Унијата, поддршка која бележи тренд на пораст во споредба со 2019 година.

Шефот на словачката дипломатија Иван Корчок при вчерашната посета на земјава изрази надеж дека преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ ќе биде усвоена за време на португалското претседателство и оти сите земји членки на Унијата ќе постигнат консензус по тоа прашање.

Корчок порача дека земјата треба да продолжи со реформите, бидејќи тие не се прават за бирократијата во Брисел, туку за самите граѓани.

– Од наш интерес е да ве поддржиме на патот кон ЕУ. Ние дури и не можеме да го наречеме Западен Балкан како сосед, туку е повеќе од тоа, во географска смисла. Но, мора да ги споделувате истите вредности и најпосле да станете членка на ЕУ, рече Корчок, потенцирајќи дека Словачка е силен поддржувач на патот на земјава кон ЕУ.

Корчок, во зедничката колумна со министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек за „Еуобсервер”, оценува дека на смее да се дозволи ЕУ да стане колективен судија за историски толкувања – за тоа што е правилно, погрешно, точно и лажно во изминатите стотици години од историјата на Балканот, бидејќи тоа би било големо отстапување од принципите што досега го регулираа процесот на проширување и кои се дел од подобрениот пристап за транспарентност и предвидливост.

– Затоа, ние не поддржуваме никаква насока што би санкционирала толкување на историски прашања. Барањето да се постави обврска за Северна Македонија да ја поправи наводната погрешна интерпретација на историјата не е прифатливо. Дополнителни услови ќе го отворат патот за понатамошни билатерални барања во иднина, потенцијално комплицирајќи го целиот процес во годините или дури децениите што доаѓаат, оценуваат Петричек и Корчок во колумната насловена „ЕУ не треба да биде судија за историски прашања”.

Особено, велат првите дипломати на Чешка и на Словачка, не смее да се дозволи таквите барања да станат формален дел од критериумите за пристапување, бидејќи ќе ја претвори ЕУ во арбитар на националните истории.

Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, јасната и недвосмилена поддршката од Словачка на нашата земја за влез во ЕУ е посебно значајна во овие комплексни моменти кога Унијата не успеа да постигне консензус за нашиот напредок.

– Поддршката од Словачка е јасна, недвосмислена и принципиелна. Северна Македонија заслужи почеток на преговори, за што има одлука донесена со консензус во март минатата година. Можам да се согласам дека не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во исто време објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно е вид подвижна мета која не наградува според учинок туку според актуелните политички околности, рече Османи на заедничката прес-конференција со Корчок.

Осврнувајќи се на проблемот со Софија, Османи порача дека нашиот пристап е да се вратиме на начелото на Договорот за добрососедство со Бугарија, чија идеја беше да се институционализира дебатата по однос на разликите што ги имаме.

– Нашиот пристап е дека треба да се вратиме на начелото на Договорот и затоа сметавме дека треба да се претстави акциски план со цел да продолжиме во соработката, да го одржиме амбиентот во соработката помеѓу двете држави додека разговараме, рече Османи, додавајќи дека додека се водат разговорите за надминување на разликите со Бугарија, паралелно треба да продолжи и европскиот процес на земјава.

Премиерот Заев на средба со Корчак, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, потенцира дека наша стратешка цел се евроинтеграциите и тоа го покажува поддршката на граѓаните за овој процес.

– Посветени сме на европеизација на државата дома, а на европски начин, низ дијалог и меѓусебно разбирање работиме на прашањата што се во полза на добрососедството. 2020 година беше значајна година за нас, кога станавме членка на НАТО и е донесена одлуката за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа отвори простор да се фокусираме на економскиот развој, преку помош и поддршка на граѓаните и стопанството – и во време на пандемијата бележиме раст на просечната плата, како и на нови инвестиции, истакна премиерот Заев.

На македонско-бугарските односи премиерот Заев се осврна и во обраќањето на вчерашниот панел Атлантскиот совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа”, при што рече дека непринципиелната позиција на Бугарија спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ со што требаше да биде означен почетокот на преговорите за членство на земјава.

– Нашиот став е дека пријателите не треба меѓусебе да се блокираат. Напротив тие треба си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети кои ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало, нагласи Заев.

Резултатите од два истражувачки труда насловени „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија” (2014 – 2020) и „Политички тобоган – Година исполнета со пресврти за Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија”, покажуваат дека во 2020 година е ставен крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката за ЕУ во земјава, при што 69 отсто од населението го поддржува членството во Унијата, што е за четири процентни поени повеќе во споредба со претходната 2019 година.

Сепак, според анализите, паралелно на овие придвижувања, воочлив е и раст од три процентни поени на евроскептицизмот, па лани 22 проценти од популацијата имале евроскептични ставови. Така, поддршката кон Евроазиската унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 проценти во однос на 2019 година.

Претседателот на Институт за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС), Марко Трошановски смета дека изминатата година беше прилично несреќна за македонските амбиции за пристапување кон ЕУ, а бугарското вето сериозно го оштети процесот на проширување.

– Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ се уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците се уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД. Прашањето е дали ЕУ има план Б за нас и регионот, изјави Трошановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот