Поддршка од наставниците: Промените во основното образование ќе обезбедат придобивки и за помалобројните етнички заедници

Македонија училиште ученици наставник професор
Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Промените кои ќе му се случат на основното образование кај нас со почетокот на следната учебна година се добри за целото општество. Она што имавме прилика да го видиме, а видовме многу, имајќи предвид дека целиот процес на конципирање на промените се одвива на транспарентен начин и со учество на сите засегнати страни, се работи за промени кои ги следат глобалните образовни стандарди и треба да донесат квалитет кај нас.

Ова е ставот на наставничката Сарита Јашарова од ОУ „Браќа Рамиз – Хамид” во општина Шуто Оризари, која изразува целосна поддршка на реформите, вклучително и на дигитализацијата на учебниците.

Таа смета дека, ако дигитализацијата на учебниците не е проблем во многу други земји, тогаш не гледа причина тоа да не успее кај нас, затоа што, како што вели, нашите деца и нашите наставници не се ништо поразлични во однос на учениците и наставниците во тие земји. Вредноста е идентична.

– Од друга страна пак промените ќе донесат придобивки особено за помалубројните етнички заедници во Северна Македонија. Ако во минатото немало интерес или можност да се обезбедат учебници за било кој од другите јазици на кои се реализира наставата, сега тоа е законска обврска. Учебниците стануваат достапни на сите јазици на кои официјално се реализира наставата во училиштата со што учениците се доведуваат до рамноправност во тој дел, додава Јашарова.

Наставничката по предметот „Јазик и култура на Ромите” вели и дека дигиталните учебници можат лесно да се ажурираат со податоци, така што повеќе ќе нема застарени учебници, а воедно од голема важност е што тие стануваат инклузивни, достапни во аудио формат, како и печатени на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.

Јашарова смета дека иако дел од граѓаните често знаат да дадат отпор кон промени, очекува овие образовни реформи да бидат широко прифатени, затоа што се работи за промени кон подобро и за подобра иднина на децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот