Под притисок на јавноста: Дел од фирмите побрзале да ги исплатат заостанатите плати

Под притисок на јавноста, Владата вети дека на својата веб-страница ќе ги објави имињата на фирмите што примиле финансиска помош, а не им ја исплатиле на работниците. Од Канцеларијата на портпаролот на Владата, посочија дека се координираат со Генералниот секретаријат во врска со оваа активност. Неофицијално, за да не ги „изеде“ срамот, во меѓувреме, голем дел од газдите вчера побрзале да извршат исплата на заостанатите плати. Соочени со можноста да треба да ги враќаат парите, дел од работодавачите сакале да избегнат санкции, па се раздолжиле вчера и министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека ќе биде објавена листа на фирми што примиле поддршка за минимална плата, а не ја исплатиле. Како никогаш досега и експертите и синдикалците се сложни дека креирањето вакви и слични економски мерки, во иднина треба да биде добро осмислено и плански организирано. Синдикалните организации отидоа подалеку и јавно побараа кривична одговорност и најстроги санкции за фирмите што ја злоупотребиле помошта од државата. Правници велат дека има елементи на кривична одговорност на газдите, бидејќи сумата не е мала – околу 2 милиони евра.

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска соопшти дека 700 работодавачи користеле субвенции за исплата на платите, но во кризата и покрај субвенционирањето, платите не им ги дале на своите вработени. Таа најави и казни. Сета јавност беше гневна што работодавачи се спасувале од кризата на грбот на вработените што цело време работеа.

„Сметаме дека треба кривично да се одговара и некој да заврши зад решетките. Од УЈП беа коректни и одговорија најбргу што можат на нашите апели. Ги пронајдоа компаниите и според законот заедно со Државниот трудов инспекторат ќе ги казнат со глоба за да ги дадат парите што ги должат. Но, тоа не е доволно и мора кривично да се одговора“, побара Дарко Димовски, претседател на ССМ. Од ССМ сметаат дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано.

И невладината „Цивил“ најостро ја осудува злоупотребата на државната помош на сметка на работниците.

– „Цивил“ најостро ги осудува противзаконските и нехумани постапки на работодавачите кои примиле финансиска помош од државата и наместо да им дадат плати на своите вработени, тие ги задржале парите за себе. Тоа е незамисливо срамно и крајно неприфатливо однесување, кое мора веднаш да биде санкционирано.

Финансиската поддршка од државата била за справување со кризата предизвикана од ковид-19, односно да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат врз грбот на работниците за време на најголемата здравствена, социјална и економска криза, со која се соочува не само нашата земја туку и целиот свет. Овој случај не смее да заврши во корист на моќниците, а на сметка на работниците кои, во голем број случаи, одвај врзуваат крај со крај. Државата не смее да биде милостива кон газдите, порачаа од „Цивил“.

„Бараме Основното јавно обвинителство да поведе постапка по допрен глас против сите работодавачи што добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик. Владата како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите што ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени“, пишува во заедничкото соопштение на неколку синдикални организации и финансиски здруженија.

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ е дециден дека мора да им одговорност, а партијата Левица во име на работниците, побара сите оние работодавачи што ја злоупотребиле државната помош да бидат обврзани да ги вратат доделените средства со камата, како и да ги компензираат со камата сите работници коишто биле изиграни во изминатиов период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот