Под контрола пожарот во рафинеријата на автопатот меѓу Атина и Коринт – полесно повредени тројца вработени
Под контрола е големиот пожар што попладнево избувна во просториите на грчката нафтена компанија „Мотор Оил“ што се наоѓаа во градот Агии Теодори во близина на автопатот што ги поврзува Атина и Коринт, според соопштението од компанијата и додадоа дека полесно се повредени три лица.
Од „Мотор Оил“ објаснија дека пожарот избувнал во просторот на единиците за рафинирање во јужниот дел на рафинеријата, причините се засега непознати, а тројца вработени во фирма-изведувач со која соработуваат, се полесно повредени во горните екстремитети и биле пренесени во болница.
Според грчките медиуми пожарот сè уште не е целосно изгаснат и на терен остануваат 60 пожарникари со 25 возила, додека пак пред да се стемни во гаснењето интервенираа и три хеликоптери.
Кусо откако избувна пожарот од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација до сите што се во конкретната област.