ПОЦ со поскап паркинг ќе го решава загадувањето

Фото:Слободен печат

Зголемувањето на цените за паркирање Кичевски го правда со придобивките кои сите ќе ги почувствуваат доколку цената на паркиралиштата ги обесхрабри возачите со автомобил до дојдат во центарот на Скопје.

Под слоганот „Центар не е паркинг!“, општина Центар и ЈП паркинзи на општина центар (ПОЦ) од денеска почнуваат кампања која очекуваат да го намали паркирањето во Центар. Како што објасни денеска директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, преку видео записи, ќе се обидат да допрат до свеста на населението да ги остават дома автомобилите, а во центарот на Скопје да дојдат пеш или со јавен превоз.

– Со оваа кампања се приклучуваме на Владата, Градот и останатите општини кои веќе презедоа низа мерки за намалување на загадувањето. Мора да сфатиме дека секој од нас мора да придонесе за целосно да го отстраниме овој проблем – посочи Кичевски.

Во насока на демотивација на граѓаните со автомобил да одат во Центар, општината и ПОЦ донесоа одлука за поскапување на цените за паркирање. Имено, од денеска, цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се покачат за 20 денари.

Зголемувањето на цените за паркирање Кичевски го правда со придобивките кои сите ќе ги почувствуваат доколку цената на паркиралиштата ги обесхрабри возачите со автомобил до дојдат во центарот на Скопје.

– Во моментов во општина Центар има 5.300 слободни комерцијални паркинг места, не сметајќи ги местата за резиденти. А од друга страна бројот на возила кои секојдневно гравитираат кон центарот на градот е многу поголем. Не би сакал да коментирам дали возачите би се паркирале на паркиралиштата на ЈП Градски паркинг, бидејќи таму е поефтино, но сметам дека ова е добар чекор за да покажеме дека сме сериозни во намерата да го намалиме загадувањето и да го намалиме сообраќајниот хаос во градот – нагласи Кичевски.

Во 2020 година ќе се постават 27 вендинг машини

ПОЦ и општина Центар денеска го најавија и поставувањето на 27 вендинг машини. Девет машини се веќе обезбедени, најавија од претпријатието.

– Го воведуваме светскиот тренд во рециклирањето, воведуваме повратни вендинг машини за пластични и стаклени шишиња, со цел да ги мотивираме граѓаните да се вклучат во процесот на рециклирање. До крајот на 2020 ќе бидат поставени 27 повратни вендинг машини кои локациски ќе бидат распределени на територија на цела општина , а девет се веќе набавени – информираше денеска директорот на ПОЦ, Васко Кичевски.

Во проектот за почеток ќе можат да се вклучат само жителите на општина Центар, и истите ќе добијат субвенции од општината во замена за шишињата, односно ќе добијат прилив на средства на нивната платежна картичка „Green Pay Card“, со која ќе можат и да купуваат во маркети и за тоа да добиваат попуст.

– За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 и за секое рециклирано шише се обезбедени 1,5 денари, а обезбедени се средства за обезбедување на останатите 18 повратни вендинг машини – истакна градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот