ПОЦ апелира до пазарџиите да ги прифатат новите мерки за паркирањето

ПОЦ табла/ Фото: МИА

Од претпријатието посочуваат дека затвореното паркиралиште „Аутомакедонија” кое се наоѓа во непосредна близина на „Зелен Пазар” со години наназад е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму.

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар” во денешното соопштение изрази жалење за незадоволството кое денеска преку штрајк го манифестираа пазарџиите, сопственици на тезги на „Зелен Пазар” во Општина Центар и апелира до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Аутомакедонија” како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.

Од претпријатието посочуваат дека затвореното паркиралиште „Аутомакедонија” кое се наоѓа во непосредна близина на „Зелен Пазар” со години наназад е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму.

– Изминатиов период, ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за еден час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на ANPR камерите претпријатието има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште, се вели во соопштението од ПОЦ.

Имено, се додава во соопштението, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои претпријатието, согласно Одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на роба до 7 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на роба од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, наведуваат, ЈП „Паркинзи на Општина Центар” ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип на злоупотреба.

Од претпријатието сметаат дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски Пазар” кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не, како што велат, решението да се бара во злоупотреба на јавна површина со цел да се задоволат потребите на еден приватен бизнис.

– Со воведувањето на овие мерки ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе стави крај на неправилностите кои се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Аутомакедонија” кои заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот