Почнува трката со време за да се овозможи помошта од 6.000 денари

Пазарење за време на коронавирусот во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бирократските процедури се испречија пред 280 илјади граѓани, кои се надеваат дека што побргу ќе добијат по 6.000 денари за купување домашни производи. Предлог-законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, на 20 ноември стигна до Собранието и ќе се носи по скратена постапка, но се уште не е ставен на дневен ред.

Судејќи според досегашната практика, а и фактот дека власта кубури со обезбедување мнозинството, прилично е нејасно кога ќе заврши расправата за законот и кога тој ќе биде објавен во Службен весник. Секако, за да се спроведе законот, треба да има направени списоци и да се селектираат банките, преку кои ќе одат парите.

Дури потоа граѓаните што немаат сметки во тие банки, ќе треба да ги отворат. И тоа не е сѐ. Следува изборот на трговците, каде ќе може да се трошат овие пари. По стапување во сила на законот, Генералниот секретаријат на Владата во рок од пет дена на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, треба да објави јавен повик за пријавување правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листа на даватели на македонски производи и македонски услуги.

Се чини дека најмногу ќе чекаат самохраните родители, чиј конечен список е предвидено да се изготви во рок од 20 дена по стапување на законот во сила.

Премиерот Зоран Заев соопшти дека платежните картички се наменети за 280.000 граѓани – Платежните картички со износ од 6.000 денари, ќе добијат 5.726 самохрани родители, 182.271 пензионери со пензии до 15.000 денари, невработени што се пасивни баратели на работа (85.108 граѓани), самостојни уметници, филмски, културни и естрадни работници – наброи премиерот.

Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не беа опфатени со владините мерки, како и оние граѓани што се над 64 години, а немаат пензија и се со приходи помали од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. По 6.000 денари ќе добијат и лицата чии трансакциски сметки се блокирани. Тие ќе треба да отворат нови трансакциски сметки, кои ќе бидат поврзани со времени дебитни картички, за да им извршуваат старите долгови.

Во меѓувреме, граѓаните веќе два месеца вртат телефони во Агенцијата за вработување, прашуваат во Управата за јавни приходи и комуницираат меѓу себе на социјалните мрежи, сѐ со цел да разберат кога ќе биде објавен првичниот список на корисници на оваа помош. Законски, тоа треба да се случи на веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од осум дена, но конечниот список треба да биде истакнат во рок од 10 дена од денот кога законот ќе стапи во сила. Предвидено е парите да се трошат до 25 декември. Сомнежите дали ќе има време за трошење на парите, ги разби вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој е уверен дека парите ќе легнат навреме и граѓаните ќе имаат време да ги потрошат, оти се работело за скромна сума од 6.000 денари.

Ваква слична мерка веќе беше имплементирана во периодот јуни-август 2020 година. Вкупно 309.337 граѓани користеа домашна платежна картичка, а вкупниот реализиран промет изнесуваше 26,5 милиони денари. За новата мерка „купувам домашно“ од ребалансираниот буџет се планирани 27 милиони евра.

Податоците за самохраните родители ќе се собираат преку неколку институции

Законот опишува дека „Самохран родител“ е родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности.

Овие лица, евидентирани во министерствата за труд и за образование, заклучно со 27 септември годинава, за периодот јануари-август 2020 година не треба да оствариле доход во нето износ поголем од 120.000 денари.

Самохраните родители, кои не користат парични права од социјална заштита и заштита на деца, треба да поднесат извод од матична книга на родени, умреница, потврда за исчезнат родител и потврда за привремена спреченост поради лекување, издржување казна затвор, во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон до надлежниот центар за социјална работа, кој по утврдување на статусот, изготвува листа на самохрани родители.

Листата на самохрани родители-корисници на финансиска поддршка ја изготвува УЈП и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата, во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот