Почнува Меѓународниот саем во Солун со говор на Мицотакис и низа протести

Протести пред почетокот на саемот Thessaloniki Helexpo / Фото: EPA-EFE/DIMITRIS TOSIDIS

Во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, под строги здравствени протоколи поради пандемијата, но и под силно полициско обезбедување поради најавените протести, по пауза од една година во Солун денеска започнува 85-от Меѓународен саем, јави дописничката на МИА од Атина.

Викендов, Солун е во центарот на вниманието на грчката јавност, со оглед на тоа што вечерва е свеченото отворање со говорот на Мицотакис, а паралелно закажани се и шест различни протести.

Над 5.000 полицајци ќе бидат ангажирани за безбедноста во градот, со оглед на тоа дека протестите се на различни локации и организирани од синдикатите, од левичарско – анархистички организации, но и од антиваксерите.

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови.

Политичкиот дел започнува вечерва со говор на Кирјакос Мицотакис, а утре грчкиот премиер ќе ја одржи и традиционалната прес-конференција.

Се очекува Мицотакис да соопшти даночни олеснувања, мерки за справување со зголемените цени, но и мотивација за младите да се вакцинираат.

Саемот ќе трае до 19 септември, на маргините ќе се одржи и „Thessaloniki Helexpo Forum 2021″ со низа форуми, средби, меѓу кои и конференција посветена на Западен Балкан, а следниот викенд говор и прес-конференција ќе одржи лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.

Оваа година централната тема на саемот е „Грција: минато- сегашност- иднина”, посветена на 200-годишнината од грчката револуција, а ќе учествуваат над 900 изложувачи од 15 земји (Кипар, Виетнам, Ерменија, Луксембург, Полска, Португалија, Бангладеш, Индонезија, Романија, Италија, Русија, Србија, Малта, Бугарија и Германија).

Меѓународниот саем лани беше откажан поради пандемијата, но се одржа политичко – економски форум „Thessaloniki Helexpo Forum”.

Организаторите, 85-от саем го најавија како прв Covid Free саем во Европа, работи под специјални здравствени протоколи и дозволен е влез само за вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот