Почнува јубилејното 40. издание на Скопје џез фестивал

Плакатот за 40. издание на Скопје џез фестивал, ново ремек-дело на Славимир Стојановиќ Футро / Фото: Фејсбук, Скопски џез фестивал

Од денеска до 24 октомври во Националната опера и балет и Кино Фросина ќе се одржи 40. издание на Скопје џез фестивал. На фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Северна Македонија, Европа, Куба и САД.

– Фестивалот вечер ќе го отвори супер-херојот на скандинавската џез сцена Матс Густафсон со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт Ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту, информираат организаторите на настанот.

Како дел од јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал е и специјалниот проект „Ну Мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

Придружната програма на фестивалот оваа година опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез состав во моментов – AJS Quartet.

Во рамките на фестивалот, организаторите информираат дека ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

Фестивалот се организира со почитување на сите актуелни протоколи и безбедносни мерки пропишани за одржување на културни настани во затворен простор.

Извор: МИА

ФОТОГАЛЕРИЈА | Изложба на плакати на Скопски џез фестивал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот