Почнува Делфи економскиот форум во Атина, ќе учествуваат Заев, Димитров и Нуредини

Со над 1 000 учесници од 42 земји, меѓу кои и од Северна Македонија, со 372 сесии на различни теми, од денеска до 15 мај во Атина ќе се одржи шестиот Делфи економски форум, кој оваа година, поради пандемијата, ќе биде во хибриден облик, а само мал дел од учесниците ќе бидат со физичко присуство, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно официјалната агенда, на панел дискусии ќе учествуваат претседателот на Владата Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Учеството на премиерот е закажано за во четврток кога ќе дискутира со уредникот на „Катимерини” Атанасиос Елис, а како што вчера соопштија од Влада, Заев во Атина ќе пристигне заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за економија Крешник Бектеши.

Претседателот на Владата ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, а на маргините на форумот ќе има одделни средби со лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, со поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.

Вицепремиерот Никола Димитров, исто така, во четврток заедно со шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис, со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтијадис Варвициотис и со универзитетски професори ќе дискутираат за дипломатијата на малите држави, додека пак еден ден подоцна, во петок, Димитров ќе учествува на панел дискусија заедно со ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеји на тема „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долгоочекуваното ветување“.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерман и министерот за енергија и животна средина на Грција Костас Скрекас, на панел дискусија, утре ќе говорат за „Европскиот зелен договор“.

На денешното отворање на форумот, ќе се обрати претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, заедно со нејзините колешки – претседателките на Естонија и Словачка, како и потпретседателот на ЕК и поглаварот на Грчката православна црква.

Денеска во Атина е и премиерот на Шпанија Педро Санчез, кој ќе учествува на дискусија со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а ќе остварат и билатерална средба.

Економскиот форум е под покровителство на грчката претседателка, традиционално се одржува во градот Делфи, но оваа година поради Ковид-19 ќе биде во палатата „Запио” во Атина, а ќе се следи онлајн.

Предвидено е учесниците, на над 300 сесии да дискутираат на десет различни теми како што се геополитиката и меѓународната безбедност, светската економија, иднината на Европа, здравството, климатските промени, општеството, образованието, културата итн.

Оваа година, голем дел од форумот ќе биде посветен на јубилејните 200 години од грчката револуција.

Економскиот форум Делфи е независна и непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница.

Целта на Форумот е да претстави реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените и меѓусебно зависни прашања со кои се соочува Грција, Југоисточна Европа и Источниот Медитеран.

На прес конференција пред 20 дена кога беше презентирана програмата и беа соопштени детали, претседателот на Делфи економскиот форум Симеон Цомокос, откри дека планирано е да организираат настан во Скопје на крајот на јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот