Почнува 59. Драмски аматерски фестивал во Кочани

Градот Кочани веќе извесен период наназад се подготвуваше за новото издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), кое ќе се одржи од 23 до 28 мај. Прво беше објавен конкурс за учество, на кој се пријавиле 16 аматерски театарски групи со своите претстави, а од нив се селектирани 13 учесници.

На повикот можеа да се јават аматерски театри, драмски секции, студија, експериментални сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на нашата држава, како и странски аматерски театарски ансамбли.

Фестивалот има натпреварувачки карактер, при што за најдобрите се доделуваат награди: за целосно драмско остварување Гран-при награда „Васил Ќортошев“, потоа награда за најдобра режија, главна машка и женска улога, епизодна машка и женска улога и награда за истражување во драмскиот аматеризам.

На отворањето на фестивалот на 23 мај во „Парк на револуцијата“, во 20.30 часот, ќе биде изведена претставата „Самоубиство во одбрана“ на Алтернативен театар „Отпишани“ од Скопје, а потоа ќе следува лајт-шоу и настап на диџеј Панчо.

Годинава на ДАФ ќе бидат изведени претстави на аматерски театри од Гевгелија, Кавадарци, Битола, Скопје, Демир Капија, Кочани, како и на гостите од Белград, Прокупље и Шид од Србија.

Фестивалот ќе има и придружна театарска програма, а во вечерните часови се планирани и музички настапи на диџеј Панчо, „Такси конзилиум“ и „Мизар“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Видео на денот