Почнаа подготвките за реализација на Декларацијата на Србија, Северна Македонија и Албанија

фото: МИА

Советникот за медиуми на српскиот претседател Александар Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, изјави денеска дека веќе се започнати техничките подготовки за спроведување на Декларацијата за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал на Западен Балкан, која вчера беше потпишана во Нови Сад од страна на лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.

Васиљевиќ за Телевизија Прва изјави дека на следната средба на лидерите на трите држави, на 10 ноември во Охрид, ќе се презентира сето она што е направено во врска со декларацијата.

-Тие имаат задача да решат одредени работи, како што се отворањето граници до 2021 година, донесувањето прописи за пазарни инспекции и проток на стоки и капитал, неколку билатерални работи, изјави советничката на српскиот претседател.

Таа потсети дека иницијативата за овој документ потекнува од српскиот претседател Вучиќ, поради што првата средба се одржа во Србија, а Нови Сад беше избран како идна европска престолнина на културата.

-Вие ја видовте желбата на претседателот Вучиќ за регионални иницијативи и економијата да ја надмине политиката и конечно да започнеме да се справуваме самите со себе. На вечерата во Нови Сад, до детали беа утврдени принципите и основните точки кои утредента се најдоа во декларацијата, кажа Васиљевиќ, која присуствуваше на овие разговори.

Говорејќи за состанокот, таа рече дека тројцата лидери, Вучиќ, Заев и Рама успеале за три сата да се договорат за нешто што други неуспеале ни за 30 години.

-Ги поканивме и другите лидери на Западен Балкан да се приклучат на иницијативата и се надеваме дека до 10 ноември во Охрид ќе се приклучат уште неколку лидери, бидејќи ова е нешто за што треба да се работи доколку размислувате за иднината на својот народ, кажа таа.

Според неа, „малиот Шенген” не е замена за ЕУ, но е добра порака.

-Ова не е замена за ЕУ, нова мала ЕУ, туку група на земји, односно регион кој сака да стори нешто за себе, за да биде прифатен во ЕУ, рече Васиљевиќ.

Како што додаде, македонската и албанската страна предложиле фестивалот Eгзит, по Хрватска, Бугарија и Црна Гора, да се пресели и во овие две земји, што ќе биде уште еден начин за промовирање на регионот.

Како што јави дописникот на МИА, во врска со вчера усвоената Декларација во Нови Сад, се огласи и вицепремеирката Зорана Михајловиќ која изјави дека ова не е замена за членството во Европската унија (ЕУ), ниту создавање на нова СФР Југославија или кратенки за спроведување на националистички проекти на Балканот.

-Главната цел на „малиот Шенген” е економијата, безбедноста и подобар живот за граѓаните, целта е „Слободен Балкан”, во кој луѓето ќе можат да се движат, да работат, да останат на овие простори и слободно да одлучуваат за својата иднина. Со декларацијата покажуваме дека не сакаме да седиме и да чекаме ЕУ да се реформира за да продолжи со политиката на проширување, но и дека не сакаме да влеземе во ЕУ како проблем, туку како носители на нови решенија, оцени Зорана Михајловиќ во соопштението за медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот