Почна второто полугодие од учебната година: Бојкот на дел од матурантите, Царовска најави дека „нема бегање од актуелниот концепт“

Наставата во второто полугодие продолжи по истиот, хибриден модел, како и во првиот дел од учебната 2020/21 година затоа што, според Министерството за образование и наука (МОН), се покажал успешен и обезбедува континуитет во образовниот процес во услови на пандемија. Учениците до трето одделение и повозрасни од помалите училишта, главно подрачни и во рурални средини, вчера се вратија во училишните клупи по тринеделниот зимски распуст, а за поголемиот дел основци и средношколци наставата продолжи на далечина.

Но, на онлајн-наставата не се вклучија дел од матурантите кои, организирани од Сојузот на средношколците, почнаа бојкот, барајќи државна матура со испити по два наместо по четири предмети (три екстерни и еден интерен).

Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи изјави дека бојкот има во средни училишта во 20 градови, вклучително и во Скопје, затоа што завчерашната онлајн-средба со министерката Мила Царовска поминала без договор да се прифати нивното барање за кратење на бројот на предмети и да полагаат два – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.

Ходаи рече дека ќе бојкотираат една недела, а за наредните чекори и дали ќе имаат протест, ќе одлучат дополнително. Тој притоа нагласи дека не се за укинување на државната матура, како што бара другата група – „Средношколски глас“, кои, пак, собираат онлајн-потписи за укинување на матурата.

Според министерката Царовска, легитимно е правото да го искажат незадоволството со бојкот и смета дека се работи за мали, изолирани групи. Таа истакна дека оваа генерација матуранти сепак ќе го полагаат испитот по актуелниот концепт, а промени може ќе има за матурантите во наредната учебна година.

Таа вчера изјави дека само во една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување, а сите други, како што рече, се изолирани групи во дел од гимназиите. Царовска соопшти дека ќе се формира работна група за подготовка на нов концепт на државна матура за наредната учебна година, но за годинашните матуранти, како што рече – „нема бегање од актуелниот концепт”.

– Секако дека се потребни измени во концептот за матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура и од тоа нема бегање. Концептот е утврден на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе направи проблем на учениците за запишување во високото образование надвор или во земјава. Токму затоа утврдивме дека сега одиме со овој концепт. Повеќе од 14.000 ученици имаат пријавено да полагаат и проектна задача и да ги полагаат предметите, истакна Царовска.

За да се осовремени завршниот испит, и за оваа година, додаде министерката, се направени некои промени – во проектната задача и во проширување на листата на изборни предмети за третиот екстерен испит со Географија и Информатика.

Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот