Почна Вевчанскиот карневал (ВО ЖИВО)

Некаде околу 14 часот, вевчанските василичари вчера ги претворија уличките во своевиден театар без граници.

Со традиција од повеќе од 1.400 години со Вевчанскиот карневал се слави доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар, меѓу народот познат како Василица, ден посветен на Св. Василиј Велики, христијански светец и епископ од Мала Азија.

Некаде околу 14 часот, вевчанските василичари ги претворија уличките во своевиден театар без граници. Далеку од очите на јавноста, учесниците почнаа да ги облекуваат и обликуваат маските, кои со недели ги чуваа во тајност. Сепак, со самиот старт на официјалниот дел секоја куќа и улица стана сцена, а маскираните ги изведуваа своите замислени сценарија како вистински актери.

Како главни карактеристики на карневалот се истакнуваат архаичноста, таинственоста и импровизацијата. За време на карневалот, маскираните ја имаа сета слобода во „поставување на светот наопаку“, слобода во која до израз доаѓа креативноста и духот, смислата за импровизација, критика и иронизирање. И овој пат вевчанци покажаа дека се инвентивни и ги отсликаа актуелните настани и ги карикираа аномалиите на секојдневниот живот.

Бројните гости, како од земјава, така и од странство можеа да го проследат речиси двочасовното дефиле и да се воодушевуваат на маските кои, како и секоја година ги отсликаа состојбите кои ја одбележаа 2019 година во Македонија и светот. Низ призмата на сатирата и хуморот сѐ што беше важно на оригинален начин беше допрено од василичарите. Вевчаници речиси никому не останаа должни.

Карневалот започна со традиционалните маски, невестата и зетот, глупавиот Август и музичарите.

Вевчански карневал 2020

Publiée par Sloboden Pecat sur Lundi 13 janvier 2020

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот