Почна снимањето на филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски

кајмак милчо манчевски Фото: Маја Аргакијева
Фото: Маја Аргакијева

Денеска, во хотел Лимак, во Скопје, започна снимањето на „Кајмак“, седмиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.

кајмак милчо манчевски Фото: Маја Аргакијева
ФОТО: Маја Аргакијева

„Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм на Северна Македонија). Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Кајмак доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е огромна потврда за вредноста на проектот. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија. Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.

Режисерот Милчо Манчевски изјави: „Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот.“

кајмак милчо манчевски
ФОТО: Маја Аргакијева

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов “ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

милчо манчевски кајмак
ФОТО: Маја Аргакијева

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, и НЛБ Банка и Виза, а партнери на филмот се Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак. Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.

милчо манчевски кајмак
ФОТО: Маја Аргакијева

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот