ФОТО: Почна реконструкцијата на улицата „Лука Геров” во Ѓорче Петров

Почна реконструкцијата на улицата „Лука Геров” во Општина Ѓорче Петров,  каде што ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозот и на дел од атмосферската канализација. Сообраќајницата е долга околу 1800 метри, а вредноста на инвестицијата е околу 31.5 милиони денари, средства од Буџетот на Градот Скопје.

Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов очекувањата се дека во текот на октомври или ноември во целост ќе бидат завршени градежните работи на оваа улица, која претставува една од клучните сообраќајници која што ги поврзува граѓаните од Ново село, Волково, Кисела Јабука, Никиштани и другите населени места кои што гравитираат кон овој дел од градот.

– Сметаме дека е неопходно повеќе децении нереконструирана сообраќајница да биде предмет на реконструкција од страна на градот. Сообраќајницата е долга околу 1800 метри и од тие причини ќе се решава фазно, во континуитет со цел за да не го попречиме движењето по целата нејзина должина. Вредноста на инвестицијата е околу 31.5 милиони денари, средства од Буџетот на Градот Скопје, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов додаде дека вчерашниот почеток на изградбата на клучката кај Момин Поток е дел од големиот проект за изградбата на нов крак на булеварот Словенија, кој е предвидено да е во должина од околу 4 километри и да се поврзе со Волково. Со истиот, како и со изградбата на новиот мост во Карпош 4 на улица Љубљанска, жителите од овој дел на градот би добиле нова сообраќајна алтерантива и поврзување со преостанатиот дел од градот.

 

Градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски рече дека градежната офанзива во оваа општина која не се памети со децении, покрај капиталните инвестиции, инфраструктурните објекти, ја заокружуваат со една многу важна артерија која што го поврзува урбаниот и руралниот дел од општината.

Покрај другото, градоначалникот Наумовски најави и современ трговски центар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот