Почна првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала

Како ќе изгледа обновената Универзална сала. / Фото: Град Скопје

Во рамките на реализацијата на проектот за реконструкција на Универзалната сала, овој култен објект ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје

Во изминатиов период започна реализацијата на првата фаза од проектот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје. Овој култен објект за жителите на главниот град, според најавите на надлежните институции, наскоро повторно ќе ги отвори вратите за посетителите, по неколкугодишна пауза.

Според Градските власти, во рамките на реализацијата на проектот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје, објектот ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.

– За таа цел, од централниот буџет на Република Северна Македонија беа обезбедени средства во висина од 2 милиони евра, а Град Скопје спроведе јавна набавка и истата е комплетирана. Изминатиов период започна реализацијата на првата фаза од проектот, а за таа цел Град Скопје потпиша договор за Реконструкција на фасада и кровен покривач на објект ЈУ „Универзална сала“ со компанијата „Универзал-Балкан“ во висина од 115 милиони денари. Таа ќе се одвива според проектот на „Магатрон инженеринг“, кој ѝ беше презентиран на јавноста во март годинава – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека во оваа фаза ќе се изврши целосна демонтажа на постојната фасада и покривната конструкција, како и дел од инвентарот, целосно санирање на постојната структура на објектот како и поставување нова носечка челична конструкција на објектот, изградба на нова фасада за објектот, поставување нова покривна конструкција, поставување  нови врати и порти на објектот и друго

– Според договорот, доколку нема непредвидени работи, рок за реализација на оваа фаза е три месеци од добивањето на налог за извршување на работите – заклучуваат градските власти.

Култниот објект за скопјани, Универзалната сала, започнала да се гради непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, а започнала со работа на 1 јануари 1966 година.

Објектот се карактеризираше со одлични сценски и капацитетски услови, заедно со сите придружни функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, кои овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби.

Малата сцена на Универзалната сала беше со капацитет до 300 седишта а сценскиот простор со кој располагаше салата овозможуваше повеќе варијанти на користење на сцената со вкупна површина од 400 метри квадратни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот