Почна примената на Законот за ЈО и Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од денеска започнуваат да се применуваат Законот за Јавното обвинителство и Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, донесени во февруари оваа година.

Во новиот Закон за Јавното обвинителство се имплементирани најновите меѓународни стандарди во оваа сфера. Исто така, во овој закон се отстранети лоцираните недостатоци во досегашната примена.

Најзначајните новини во Законот се направени во однос на изборот на јавни обвинители, за· дисциплинската постапка, за оценувањето на јавните обвинители и за финансирањето на Јавното обвинителство.

Така, во однос на основите и критериумите за избор, вградено е решение со кое се зголемува потребниот стаж за избор на јавни обвинители и изграден е систем за напредување во повисоките јавни обвинителства од пониските, со што се оневозможуваат досегашните злоупотреби при изборот во повисоките јавни обвинителства.

Исто така, во однос на дисциплинската одговорност, имплементирани се ставовите на Европскиот суд за човекови права во оваа сфера, а оваа материја е целосно усогласна и со Венецијанската комисија. Дополнително, во основите за дисциплинска одговорност, почитуван е принципот на пропорционалност меѓу сторената повреда и пропишаната дисциплинска мерка.

Во однос на оценувањето, во Законот се пропишани само постапката и критериумите, а начинот на спроведувањето на критериумите (поените) е оставено да биде доразаботено со подзаконски акти. Ова е направено од причина што овој закон се донесува со двотретинско мнозинство и би било многу тешко да се изменат деловите со поените доколку се јави ваква потреба, и доколку тие би биле реглирани со овој закон.

Во Законот е значајно унапредена и материјата за финансирањето на јавното обвинителство како еден од столбовите за гарантирање на неговата самостојност. Така, се определува минимален износ од 0,4 отсто од државниот Буџет за финансирање на Јавното обвинителство. Во исто време се пропишува и посебна постапка за изготвувањето, преговарањето и донесувањето на буџетот на Јавното обвинителство во рамките на државниот буџет.

Најголемо внимание се посвети на справувањето со организираниот криминал и корупцијата и статусот и гаранциите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе постапува по овие предмети. Со законските одредби е обезбедена и гарантирана неговата самостојност.

Овие гаранции за автономијата се движат во следниве насоки:

– Јавните обвинители во ова специјализирано јавно обвинителство да не можат да бидат упатени во друго јавно обвинителство;

– Државното јавно обвинителство да не може да преземе гонење или други работи од надлежост на специјализираното јавно обвинителство за борбра против организиран криминал и коруција, освен доколку ова обвинителство го злоупотребува постапувањето и не се придржува до пропишаните рокови;

– Ова јавно обвинителство да може самостојно да бара меѓународна правна помош по предметите по кои постапува;

– Бројот на јавни обвинители во ова јано обвинителство да го определува Советот на јавни обвинители по предлог на шефот на ова јавно обвинителство;

– Шефот на ова јавно обвинителство да може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови во Советот на јавни обвинители;

– Правилник за систематизација на јавнообвинителските службеници во ова јавно обвинителство да донесе шефот на ова јавно обвинителство; и

– Автономија во финансирањето на ова јавно обвинителство преку механизми за изготвување предлог буџет за неговата работа, можност за дополнителни барања за негово финансирање во текот на годината во зависност од обемот на работа и плати на ниво на сложеноста на нивната работа (за шефот на ова ЈО 5% помала плата од ЈОРМ, а за јавните обвинители плата на ниво на јавен обвинител во вишо ЈО).

Значајно е да се истакне дека предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно со нивните надлежности утврдени со овој закон. За таа цел, во законот е пропишано дека бо рок од 30 дена од започнување на примената на законот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по предлог на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за зголемување на бројот на јавни обвинители, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија ќе распише оглас за избор на јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија

Најзначајните измени во однос на Законот за Советот на јавни обвинители се концентрирани на повеќе сегменти.

Една од новините во Законот се однесува на транспарентноста на Советот: седниците на Советот се јавни, а јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.

Кога Советот одлучува за избор на јавен обвинител на јавно обвинителство или за избор на јавен обвинител во јавно обвинителство, Советот составува записник од гласањето за одлуката и истиот јавно го објавува на веб страницата на Советот. За работата на седницата на Советот се води записник и седницата се снима тонски или се прави аудио-визуелен запис. Усвоениот записник се објавува на веб страницата на Советот.

Со најзначајната новина се пропишани основи и постапка за одговорност на членовите на Советот. Имено, со ова се пополнува постојната правна празнина во однос на одговорноста на членовите на Советот на јавните обвинители. Така, член на Советот ќе се разреши од функцијата, ако: јавниот обвинител – член на Советот е разрешен од јавнообвинителската функција согласно закон, и Советот оцени дека се исполнети основите за негово разрешување поради дисциплинска повреда во постапка утврдена со закон. Образложено барање за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет, заедно со доказите на кои се заснова барањето, до Советот може да поднесат најмалку 20 јавни обвинители или најмалку една третина од вкупниот број членови на Советот, ако членот на Советот: влијае врз самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето по конкретни предмети; ја занемарува и не ја извршува својата функција во работата на Советот; ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити; или ги прекрши правилата за изземање во ситуации во кои членот на Советот знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со овој закон. Членот на Советот се разрешува од функцијата ако повредата е сторена: со намера или очигледна небрежност по вина на јавниот обвинител без оправдани причини и – повредата предизвикала тешки последици.

Постапката за утврдување на одговорност на член на Советот е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на членот на Советот при што се води сметка за заштита на личните податоци согласно со прописите за заштита на личните податоци. По барање на членот на Советот, Советот ќе одлучи постапката да биде јавна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот