Почна нова „тура“ отпор под хаштагот „Сега кажувам“

Припадничките на женскиот пол повторно јасно и гласно говорат за искуствата поврзани со сексуално вознемирување, свое или на своите пријателки, роднини, блиски. Од денес, тие повторно почнаа да ја плетат мрежата на меѓусебно поврзување, сплотени преку своите животни исповеди на непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа, кои ги доживеале на улица, во јавен превоз, влез на зграда, лифт, такси…,Овие делчиња животни приказни се споделуваат на Фејсбук, под хаштагот #СегаКажувам.

-Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки на куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично, велат од феминистичката платформа „Медуза“.

Меѓу првите кои се придружија на новата „акција“ #СегаКажувам се и планинарката Илина Арсова, писателката Румена Бужаровска и новинарката Ана Јовковска.

„ Лето 2019. Наплатна станица НП Галичица. Вработениот, кој себеси се нарекува „ренџер“, со цигара во устата приоѓа:
– Кј си ма? Каде вака?
– Одиме да качуваме на карпите.
– Која ти е оваа?
– Пријателка, – велам, сѐ уште културна кон овој дрзок и непрофесионален човек.
Тој, лицето на Националниот парк, го фрла отпушокот на улица и ми вели:
– Аууу што би ви правел и на двете.
Ми се гади од муабетов, му велам: „Како не ти е срам старчуго без заби“, а тој уште толку полн со себе: „Ам шо ми фалит, за лижење не требет заби!“, пишува под хаштагот #СегаКажувам планинарката Илина Арсова.

Новинарката Ана Јовковска пак, се присетува дека, кога била помала, секое враќање дома и создавало чувство на несигурност. Кога ќе стасала пред влезот на зградата во која живее, се преправала дека мавта некому, како наводно некој ја чека.

Писателката Румена Бужаровска раскажува за непријатното искуството со соседот.

Од час во час платформата се повеќе се полни со нови исповеди. Девојките го креваат гласот покажувајќи дека ваквите непријатни искуства не смеат да бидат нормализирани и, истовремено, кажувајќи „не“ на сексуалното вознемирување на јавен простор.

Девојки, само напред!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот