Почна исплатата на помошта за тутунарите од петиот пакет, откупот на крајот на ноември

Тутунари Македонија
Тутунари / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Денеска почна да им се исплаќа финансиската помош од петтиот ковид-пакет мерки на 19 060 тутунопроизводители во земјава. Ќе се исплатата вкупно 300 милиони денари и тоа, за предаден тутун од втора класа по три денари за килограм и по 16 денари за трета и четврата класа.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски денеска беа во посета на тутунопроизводител во прилепското село Галичани.

Според Бачовски, заедно со субвенциите, годинашнава државна поддршка на тутунопроизводството е вкупно две милијарди денари, а доцнењето на еднократната помош, вели дека е поради изборите.

– Денеска почнува исплатата на финансиската поддршка на тутунарите, предвидена со мерките од петтиот ковид-пакет. Во текот на вчерашниот ден Агенцијата ги изготви и ги поднесе до генералниот секретаријат на Владата, 19 060 решенија во вредност од 300 милиони денари кои од денес и наредните денови „ќе легнат” на сметките на 19 060 тутунари како финансиска поддршка која беше предвидена поради тешкотиите со кои се соочија тутунарите во претходната реколта. Единствената причина за доцнењето на исплатата на средствата е поради почитувањето на одредбите од изборниот законик кој забранува еднократни исплати поради распишаните избори. Инаку, парите беа обезбедени, не беше никаков проблем исплатата. Пропишана е финансиска поддршка за предаден тутун од втора, трета и четврта класа. За втора класа се предвидени три денари по килограм тутун, а за третата и четвртата класа по 16 денари. Според анализите кои ги имаме од откупните претпријатија, доминира третата класа со 12 000 тони тутун, во втората класа се 8 000 тони, а четвртата класа е со 4 000 тони предаден тутун. Така, од 200 милиона денари кои се за финансиската поддршка на тутунарите, околу 200 милиона денари се исплатени за третата класа тутун. Значи, оние класи тутун кои беа најмногу на удар, со овие средства ги амортизираме и даваме своевиден придонес. Ако направиме груба пресметка, со претходно исплатените субвенции кои редовно се исплаќаат секоја година од околу една милијарда и 700 милиона денари, и ако се додадат овие 300 милиона денари, државната поддршка за тутунопроизводството достигнува две милијарди денари што не треба да биде занемарено, особено во година на криза кога буџетот не во кондиција кога условите се нормални. Тутунопроизводството како огромна земјоделско-економска гранка вреди да се поддржува, изјави Бачовски.

Заменик-министер за земјоделство Димковски вели дека според најавите интензивно откупот од годинашнава реколта ќе почне на крајот на ноември и првата недела од декември. Тутун ќе купуваат осум компании. Родот е околу 22 000 тони и поради квалитетот не се очекуваат големи проблеми, но со инспекторатот будно ќе ја следат ситуацијата на пунктовите.

– Според разговорите и најавите, откупните претпријатија се подготвени, на тутунопроизводителите им се доставени кутии за да го пакуваат родот за откуп. Најавата е дека на крајот на ноември и во првата недела на декември помасовно да почне откупот на тутунот. Осум компании кои се регистрирани, се пријавени да вршат откуп, имаат обезбедено и банкарски гаранции, некои се во процес на обезбедување и средување на документацијата и се очекува до законски последниот рок, 15 декември сите претпријатија да го започнат откупот. Направени се договори за 22 000 тони тутун. Во зависност од регионите, некаде има намалување, некаде ќе се задржат количествата произведен тутун. Очекуваме родот да се откупи до февруари и не верувам дека годинава ќе имаме продолжување на рокот за откуп. Според квалитетот на тутунот се очекува подобра година. Не се очекуваат поголеми проблеми, а инспекторатот будно ќе ја следи ситуацијата на теренот, вели Димковски.

Тутунопроизводителот Стеванче Велјаноски од прилепското село Галичани е задоволен што ќе добие финансиска помош, а уште повеќе е задоволен зашто произвел квалитетен род и очекува просечната цена да не биде под 220 денари за килограм.

– Од државната помош ќе добијам 25 000 денари. Добредојдени се. Годинава произведов пет тони тутун, квалитетен и очекувам добра цена. Сметам дека просечната цена на државно ниво ќе биде околку 220 денари за килограм. Ги чекаме откупувачите да направат распореди и да ги отворат пунктовите, вели тутунорпоизводителот Велјаноски.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот